Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи на дневна основа да ја следи состојбата и доколку се процени дека има потреба, ќе преземе соодветни мерки. Ова следува откако вчера СЗО соопшти дека е потврдена смрт кај еден пациент во Мексико како последица на првата лабораториски потврдена инфекција со новиот сој на птичји грип.
Според директорот на АХВ, Николче Бабовски, засега е подигнато нивото на внимателност во државата, бидејќи птичјиот грип е вирус кој освен за живината каде предизвикува висока смртност, некои соеви може да бидат сериозна опасност и за луѓето.
Тој потсетува дека болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар и од неа првенствено заболуваат птиците.
СЗО соопшти дека 59-годишен Мексиканец починал на 24 април откако развил симптоми на треска, отежнато дишење, дијареа, гадење и општа непријатност, пренесува Ројтерс.
„Ова е прв лабораториски потврден човечки случај на инфекција со птичји грип А(H5N2) пријавен на глобално ниво и прва инфекција со вирусот H5 кај пациент во Мексико. Жртвата немала историја на изложеност на живина или други животни“, се вели во соопштението на СЗО.
Случаи на сојот А(Х5Н2) птичји грип претходно биле пријавени кај живината во Мексико.
Ниту еден од луѓето кои биле во контакт со него не бил заразен, а не е идентификуван изворот на инфекцијата. Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека ризикот од инфекција кај населението е низок.