Македонија гради пруга кон Бугарија, но од другата страна – молк

од Љубиша Владимиров
59 прегледи

Македонија вложува сериозни напори за изградба на железничката врска кон Бугарија преку Коридорот 8, но од бугарска страна нема соодветен одговор. Ова го истакна директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, на денешната прес-конференција.

„Ние веќе работиме на терен, инвестираме, го градиме делот од Бељаковце до Крива Паланка, а за делот до границата со Бугарија веќе се водат подготовки. Но, во Бугарија нема никакви градежни активности“, рече Ивановски.

Според него, дури и техничките детали, како изградбата на тунелот, се договорени, но проблемот е политичката волја. „Треба само да изградат тунел од 1,5 километар и уште 500 метри пруга до Ѓуешево, а ни тоа не го прават“, нагласи тој.

Што се однесува до делот од Коридорот 8 кон Албанија, Ивановски посочи дека има добра соработка меѓу двете држави, но се чека насока од УНЕСКО околу трасата што поминува покрај Охридското Езеро. Проектот се планира да се активира напролет, со цел за пет до шест години да се има готов основен проект за пругата од Кичево до Лин преку Струга.

За Коридорот 10, Ивановски рече дека државата му дава предност поради големиот економски потенцијал – преку него поминува најголем дел од товарниот сообраќај од грчките пристаништа кон Европа.

И покрај финансискиот минус во годишниот извештај на МЖ Инфраструктура, Ивановски потенцира дека претпријатието нема долгови кон соработници, а загубите се должат главно на високи ставки за амортизација.

Слични содржини