Познатиот македонски пејач Тоше Проески трагично го загуби животот на 26-годишна возраст на 16 октомври 2007 година, во страшна сообраќајна несреќа што се случи на автопатот во Хрватска.
Познат како „Македонскиот славеј“, тој беше еден од најпопуларните македонски пејачи и една од најомилените личности во регионот. Многумина веруваат дека тој го обединил Балканот со својот лик и дело и ги поместил границите на љубовта и почитта.
И оваа година четиринаесет учесници го трчаат 18-тиот маратон во чест на Тоше. Маратонот почна од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, маратонците треба да пристигнат во Крушево. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот на англиски јазик што го подготвуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).