Македонија има јасен став за Сребреница уште од 2010 година – со консензус одлука во Собрание

од Nikola Popovski
218 прегледи

Земјава има јасен став за геноцидот во Сребреница, усвоен во Собранието во 2010 година со консензус, кога беше донесена Декларацијата за поддршка на Резолуцијата за Сребреница на Европскиот парламент.

Со донесувањето на декларацијата осуден е геноцидот во босанскиот град од 11. до 23 јули 1995 година, кога од страна на воените сили на босанските Срби беа убиени 8.000 муслимански цивили во Сребреница. Со донесената Декларација, исто така се предвидува и одбележување на 11 јули – Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница со што ќе им се оддаде почит на жртвите од масакрот.

Ваквата Декларација донесена во 2010 година, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од сите пратенички групи, јасно го одредува ставот на Македонија по прашањето за геноцидот во Сребреница, што деновиве повторно е во фокусот, откако министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека Северна Македонија е коспонзор, заедно со Германија, САД и други држави, на Резолуција во Обединетите Нации за прогласување на 11-ти јули како Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница.

Најава на Османи наиде на осуда во медиумите, но и помеѓу политичарите во Србија, кои земјава ја оценија како дрска, бесрамна, неблагодарна и цинична. Помеѓу тие кои реагираа беа министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, како и поранешниот министер за одбрана, внатрешни работи и ексдиректор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), Александар Вулин.

Не изостанаа и навредите во земјава, каде што пратеникот и претседател на Демократската партија на Србите, која е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се врши непријателство врз Србија и геноцидот во Сребреница го оцени како „некрофилски Дизниленд“.

Слични содржини