Македонија избира маскота за ЕМОФ 2025

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Македонскиот Олимписки Комитет го најавува отворениот повик за избор на официјалната маскота на 18. издание на Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025, кој ќе се одржи од 19 до 26 јули следната година во Скопје. Граѓаните од сите возрасти од денеска ќе добијат уникатна можност да го изберат симболот кој ќе го претставува младинскиот спорт и ќе ги инспирира идните генерации спортисти.

Повикот е дел од настојувањето да се вклучи јавноста во процесот на креирање на фестивалот, правејќи го настанот инклузивен и блиску до срцето на македонскиот народ. Маскотата ќе биде симбол на вредностите на ЕМОФ – единство, пријателство, почитување и спортски дух, и ќе биде присутна на сите настани и промоции поврзани со фестивалот.

„Изборот на маскотата за ЕМОФ 2025 не е само одлука, туку можност за сите нас да создадеме симбол кој ќе биде дел од историјата на овој значаен спортски настан,” изјави Даниел Димевски, претседател на Македонскиот Олимписки Комитет. „Ги охрабруваме сите граѓани да учествуваат во изборот и да го дадат својот глас за маскотата која најдобро ги претставува младинската енергија и спортската култура на Македонија.”

Гласањето ќе се одвива онлајн на официјалната веб-страница на фестивалот, а маскотата која ќе добие најголема поддршка ќе биде прогласена за официјална на ЕМОФ 2025. Процесот на избор започнува од денеска (6 ноември) и ќе трае до 10 ноември 2024 година.

Ова е единствена прилика за македонските граѓани да бидат дел од креирањето на симболот на овој историски настан, кој ќе ги инспирира младите спортисти од цела Европа. Придружете се и гласајте за маскотата на ЕМОФ 2025 – бидејќи заедно можеме да го направиме фестивалот незаборавен!

За повеќе информации и пристап до гласањето, посетете ја официјалната веб-страница на Европскиот Младински Олимписки Фестивал 2025. Организатор на фестивалот е Град Скопје, а ко-организатор е Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Слични содржини