Одбраната на поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, започна со презентирање докази пред Специјалниот суд во Хаг. Еден од сведоците на одбраната ќе биде Џејмс Рубин, поранешен помошник на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, а како можни сведоци од претходно се споменуваат и Весли Кларк, Бернард Кушнер, Вилијам Вокер… Овие поранешни меѓународни претставници би можеле да зборуваат за нивната перцепција за улогата на ОВК, што се субјективни вредносни проценки…
Четворицата поранешни водачи на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, се обвинети врз основа на индивидуална кривична одговорност и се товарат за злосторства против човештвото: прогон, затворање, други нечовечки дејствија, убиства и присилни исчезнувања, како и за воени злосторства: незаконско и произволно лишување од слобода и затворање, суров третман, тортура и убиство. Според обвинението, овие злосторства се извршени приближно од март 1998 до септември 1999 година, на неколку места низ Косово, како и во Кукеш и Чахан во северна Албанија.
Во досегашната постапка, сведочеле 127 сведоци, од кои 125 се сведоци на обвинителството, а двајца се сведоци кои ги застапуваат жртвите, додека 137 изјави на сведоци се прифатени во писмена форма. Еден сведок, чиј идентитет бил заштитен, пред судот тврдел дека во зимата 1998 година, ОВК го уапсила, притворила и злоупотребила затоа што бил функционер на партијата на Ибрахим Ругова. Друг сведочел дека бил мачен од функционери на ОВК и дека бил притворен во Албанија повеќе од два месеци, претепан три пати и избоден, а трет сведочеше дека членовите на ОВК го врзале и го тепале со дрвени палки и синџири по целото тело…
По завршните зборови, советот има 90 дена да ја разгледа својата пресуда, што сугерира дека може да биде донесена напролет 2026 година. Во контекстот на оваа тема, во текот на вчерашниот ден се спомена и името на Македонија и тоа од поранешниот командант на ОВК и поранешниот потпретседател на Организацијата на ветерани на ОВК, Насим Харадинај. Според него, во случај на пресуди против поранешните лидери на ОВК, може да има немири на Балканот. Харадинај нагласи дека најчувствителна би била ситуацијата во Македонија. „Тоа го кажав пред месец и половина. Ќе има немири на Балканот, а најслабата точка ќе биде во Македонија, бидејќи работите таму се уште се комплицирани и притисокот врз Албанците веќе започна“, рекол тој, пренесува „Економија онлајн“.
„Локално“ поразговара со двајца соговорници, еден од земјава и еден од Косово обид да изанализираме што би значека пресудата за регионот и дали може да се очекува некаква дестабилизација…Според, косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја, во Хаг нема судење против ОВК ниту против нејзината ослободителна борба и борбата на народот на Косово против стогодишната окупација од страна на Србија. Смета дека предмет на судењето се четворица високи функционери на ОВК кои се осомничени и гонети за наводни злосторства против цивили и политички противници.

Фадил Љепаја/Фото: Милот Красниќи
-Затоа, не станува збор за судење на една идеја, движење или луѓе, туку за индивидуална одговорност на конкретни лица. Важно е да се нагласи дека Специјалниот суд во Хаг е дел од судскиот систем на Косово, а со тоа и дел од меѓународно признатата држава Косово, која е признаена од повеќето земји во светот, вклучувајќи го и огромното мнозинство европски земји, како и Соединетите Американски Држави. Овој суд е резултат на меѓународен договор и функционира во рамките на косовското законодавство, иако физички се наоѓа надвор од територијата на Косово, истакнува Љепаја.
Аналитичарот лично се надева дека ќе се утврди дека овие злосторства не се извршени, туку дека биле дел од кампања оркестрирана однадвор. Сепак, дури и да се случи спротивното, Љепаја не верува дека тоа би имало експлозивен или дестабилизирачки ефект врз регионот.
-Таквото сценарио би можело да добие пошироко значење само ако во позадина постои некаква претходно договорена агенда за продолжување на планот за промена на границите, како што медиумите постојано сугерираат, наведувајќи дека таков договор претходно бил постигнат меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, со учество на други регионални и глобални фактори.
Во таа смисла, не мислам дека која било одлука на овој суд би имала значајни последици за регионот. Лицата кои се во судот долго време не се дел од политичкиот живот на Косово, ниту пак учествуваат во регионалните политички трендови, додава соговорникот од Косово.
Љепаја нагласува дека обвинетите лица не биле самата ОВК, ниту нејзините најважни фигури. Информира дека во самата организација имало несогласувања и конфликти околу доминацијата и контролата, па затоа сите злосторства, доколку навистина се случиле, мора да се гледаат во тој контекст.
-Ова е задача на судот, кој се обидува да ги разјасни фактите преку маратонски процес, додека и обвинителството и тимовите адвокати го искористија целиот свој капацитет за да ја докажат вината или невиноста на обвинетите.
-Верувам дека ова е обид да се влијае врз одлуката на судот преку сензибилизирање на јавното мислење, кое се користи и како алатка за политички притисок во контекст на формирањето на нова влада на Косово. Во моментов се води остра политичка борба помеѓу позицијата, која има тешкотии да обезбеди мнозинство, и поранешната опозиција, која доживеа изборен дебакл и сè уште не успеа да се консолидира како единствена опозициска сила. Од друга страна, тоа е уште еден обид да се актуелизира промената на границите во регионот во администрацијата на претседателот Трамп, во што очигледно сè уште не успеале, заклучува косовскиот аналитичар.
Со своја анализа на состојбите и што може да произлезе од евентуална пресуда против лицата, излезе и политичкиот аналитичар и екс-пратеник во македонското Собрание, Зуди Џелили. Тој очекува судот да ја донесе својата одлука врз основа на факти, докази и меѓународни стандарди на правда. Во разговор за „Локално“ истакнува дека секој народ и секоја држава имаат право на фер процес, а тоа важи и за Косово.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин
-Не смееме да заборавиме дека токму Србија изврши геноцид врз косовското население, а ОВК се бореше за слобода и достоинство. Врв на таа борба беше интервенцијата на НАТО, која ја запре хуманитарната катастрофа. Како и да биде пресудата, таа ќе има големо влијание врз иднината на Косово, и во внатрешната политика, и во процесот на интеграции во европските и евроатлантските структури. Ако пресудата биде негативна, тоа може да предизвика разочараност и чувство на неправда кај косовското општество, но ќе ја тестира зрелоста на институциите и нивната способност да ја зачуваат стабилноста, посочува Џелили.
За тврдењата на Харадинај во однос на чувствителноста во Македонија во случај на осудителни пресуди, соговорникот вели дека овие тврдења мора да се сфатат сериозно, но и со доза на претпазливост. Појаснува дека Балканот има чувствителна историја и секоја политичка или судска одлука може да предизвика силни емоции.
-Кога се вели дека Македонија би била најчувствителна, најверојатно се мисли на етничката разновидност и на тоа дека тука живее значителен број Албанци кои со внимание го следат процесот во Хаг. Албанците добро знаат дека ОВК се бореше против геноцид и за слобода, а тоа го потврди и интервенцијата на НАТО. Сепак, тоа не значи автоматска дестабилизација. Вистинскиот предизвик е како институциите, политичките партии и меѓународната заедница ќе реагираат. Со зрелост и одговорност, тензии може да се амортизираат и да се зачува стабилноста во земјата и регионот, нагласува Џелили.
Н.П.