Македонија ќе наследи 3 милиони долари од имот поранешна СФРЈ

од Vladimir Zorba
74 прегледи

Република Македонија наскоро веројатно ќе добие околу 3 милиони долари, благодарение на поранешниот имот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Ова се должи на продажбата на дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ што се наоѓа во Токио, Бон, Берн и во Њујорк, вклучувајќи го и шестсобниот стан на Менхетн, кој многу брзо ќе се најде на меѓународен тендер, пишува хрватски Јутарњи лист.
mkd-289950

Ова е резултат на договорот на петте земји-наследнички на поранешна Југославија – Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, постигнат минатиот петок на состанок во словенечки Крањ. Шестата република, Црна Гора, не учествува во оваа поделба на имотот зашто по референдумот и напуштањето на државната заедница, Србија како единица на државната заедница што не се определила за напуштање, го наследи меѓународниот правен континуитет на претходната заедница.

Прелиминарната вредност на овие недвижнини се проценува на 43 милиони долари, а огласите за продажбата ќе бидат објавени во весниците Вашингтон пост и Економист. Бидејќи станува збор за недвижен имот во резиденцијални населби, дипломатите во петте земји проценуваат дека приходите може да бидат и поголеми. Од тоа на Србија, според утврдениот договор за поделба на имотот, ќе ѝ припаднат 35 отсто, на Хрватска 23,5 отсто, на Словенија 16, на БиХ 15,5 отсто и на Македонија 7 проценти, вели весникот.