Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека Република С. Македонија ќе биде домаќин и ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година.

„Денеска извојувавме дипломатски успех за нашата држава. Со консензус, односно сите 56 земји учеснички во ОБСЕ, ја прифатија нашата кандидатура, со што и официјално ни го доделија претседавањето со организацијата во 2023 година, кое ќе следи по Шведска во 2021 година, и Полска во 2022 година“, истакнал Османи.

Според него, како земја претседавач С. Македонија би придонела за натамошно промовирање и унапредување на принципите и вредностите на организацијата креирајќи притоа простор за реализација на сопствените меѓународни политички приоритети и можност за етаблирање како активен чинител во сферата на регионалната безбедност и соработка.

Зборувајќи за меѓународниот успех и признание за покажаниот напредок кој како земја го демонстрираме во изминатите години, како во поглед на домашната реформска агенда, внатрешната кохезија, особено преку уникатниот модел на мултиетнички односи, но така и на меѓународно ниво, во регионални, европски па и светски рамки, Османи потенцирал:

„Тоа пред сè значи можност и за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во рамките на претстојниот процес на преговори за полноправно членство; но и во изградбата на репутацијата на земјата или политичкиот бренд – Република Северна Македонија, како стабилен меѓународен партнер, дел од современите општествени системи, силен поддржувач на мултилатерализмот – што претставува еден од петте приоритети на надворешната политика“, посочил Османи.

Слични содржини