Северна Македонија оваа година ќе претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Амбасадорот на Европската Унија (ЕУ), Дејвид Гир и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска ќе ги презентираат приоритетите за ЦЕФТА за 2021 година под претседателство на земјава.
Преземањето на водството во спроведување на приоритетните активности се планира да се изврши преку спроведување на Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар (ЗРП) 2021-2024, усвоен за време на Самитот во Софија во ноември 2020 година и поддржан од Европската комисија.
Клучните цели на претседателството на Северна Македонија се поддршка на економското закрепнување по кризата со КОВИД-19, привлекување на инвестиции и зголемена трговија во регионот и подобар просперитет на граѓаните во Западен Балкан. Ова ќе се постигне преку олеснување на трговијата со стоки и услуги и создавање на регион без мерки и пречки што ја попречуваат трговијата.
Овој процес се надоврзува на регионалната економска област иницирана во рамките на Берлинскиот процес и е составен дел од Економскиот инвестициски план (ЕИП) на Европската Унија за Западен Балкан. ЕИП става силен акцент на градење на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на Западен Балкан. Заедничкиот регионален пазар претставува чекор поблиску до потесното интегрирање на Западен Балкан со единствениот пазар на Европската Унија уште пред формалното пристапување.