Во среда, Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство го потврди своето барање Соединетите Американски Држави (САД) да го укинат економското, трговското и финансиското ембарго за Куба. 165 земји од 184 членки на Собранието гласаа „за“, додека седум беа „против“, меѓу кои покрај САД, и Македонија, Израел, Украина, Унгарија, Парагвај, Аргентина.
Дванаесет земји, вклучувајќи ги Албанија и Босна и Херцеговина, останаа воздржани.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Едуардо Родригез Париља, пред гласањето, ги осуди изјавите на американскиот претставник Мајк Волц, кој ја обвини Куба за поддршка на „терористички организации низ целиот свет“.
„Куба е жртва на тероризам, па пред години демонстриравме пред ова собрание, а дури и денес, терористички акти против земјата се организирани и финансирани од територијата на САД“, рече Париља.

Иако резолуцијата останува необврзувачка, нејзиното усвојување уште еднаш сигнализира неодобрување на меѓународната заедница за еднострани принудни мерки со екстратериторијални ефекти. Таа го повторува долгогодишниот апел на Генералното собрание до сите држави да го отфрлат казненото законодавство на САД, како што е Законот Хелмс-Бартон од 1996 година, за кој Куба и други земји тврдат дека го крши меѓународното право и Повелбата на ОН.
Македонија беше меѓу 12-те земји што се воздржаа на гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации, кое вечерта на 12 септември 2025 година со големо мнозинство ја поддржа таканаречената Њујоршка декларација за решение со две држави. Документот, изработен во јули под покровителство на Франција и Саудиска Арабија, ја осудува терористичката акција на Хамас од 7 октомври 2023 година и бара милитантната организација да биде исклучена од идната палестинска власт. Декларацијата, воедно, повикува на јасни, временски ограничени чекори кон палестинска држава и предвидува привремена меѓународна стабилизациска мисија во Газа. Резултатот од гласањето беше 142 „за“, 10 „против“ и 12 „воздржани“.
Во февруари годинава, одлуката да гласаме воздржано и за американската и за украинската резолуција во Обединетите нации беше усогласена со ставот на стратешкиот партнер САД. Од МНР тогаш појаснија дека чекорот е направен по темелна анализа на светските политички движења и е потврда за стратешкиот интерес на Македонија за создавање стабилна позиција и поцврсти односи со стратешките партнери.