Македонија… Парче земја без имотен лист

од Vladimir Zorba
129 прегледи

 Ви пренесуваме дел до колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

Во раните 90-ти, Потпретседателот на Претседателот ја промовираше валутата „македонка“ и ветуваше партиски конгрес во Солун. Ха-ха! А имавме југо пасоши до крајот на 1994. Во меѓувреме, Бранко-крив-за-све спроведуваше „транзиција“. Потоа, партијата на потпретседателот на претседателот поведе војна против сите Албанци, внесе хаос и насилство, наместо да спроведува закони и пред и откако се појави УЧК. Подоцна, истата таа партија коалицираше со лидерот на УЧК, па се наполни со милијарди. Евра и долари, не денари или “македонки”… Се посеа семето на злото, чии плодови долго ќе ги жнееме, како што ми рече Ерван Фуере во интервју пред 8 години.

Секој ден грабаа и биеја битки со сите што не им се покорија, размислуваа со своја глава и гласно говореа, без оглед на тоа од која етничка заедница доаѓаа.

Сево ова време живееме на работ. Ова не е вистинска држава, туку привремено засолниште, карабина, парче земја без имотен лист. Територија низ која дивеат неколку банди и малтретираат народ, го ограбуваат и му ја полнат главата со ѓубре и гнасни зарази.

И сега, кога се најде еден едноставен, храбар и посветен човек, кој тргна во белиот свет да го земе тој имотен лист, да го донесе дома, сите сме „паметни“. Сега и најглупавите прикаски, најцрните заговори, најочигледните стапици ќе ги голтнеме, само да не го земеме имотниот лист на земјата Македонија. Зошто? Колективен мазохизам ли е во прашање? Толку ли ни е лесно да ги отфрлиме сите можности и да им поверуваме на криминалци на кои не им е гајле за Македонија, туку само за нивниот спас од правдата?

Со имотниот лист што Зоран Заев и неговата екипа се обидуваат да ни го донесат, ќе можеме да здивнеме, барем за миг, да бидеме свои на своето, да тргнеме од мртва точка. Продолжи со читање, те молам! Ова не е форсирање, ниту апологија. Слушнавме, видовме и на своја кожа осетивме што можат да направат претходните. Сега, дојдоа новите. На горе-долу слободни избори. По тешки потреси и насилства низ земјата и терор во законодавниот дом.

Знаеме, имавме една година да видиме дека имаат и сериозни недостатоци. Грешките нема да им ги простиме, како што им простувавме на претходните. Се променивме, не сме веќе истите, не сме „народ“, како што нѐ нарекуваат манипулантите и апашите, туку граѓанки и граѓани кои мислат со своја глава. Но, сега ни треба уште еден напор.

Ние ги назначивме, ние ги плаќаме, треба и да ги поддржиме – да ја завршат работата! Ќе ги следиме будно, да не ја упрскаат, да не потрошат повеќе пари отколку што треба, да ги вратат парите што ни ги украдоа претходните, да ја вратат правдата.

Но! Имотниот лист ни треба итно. Сега или никогаш.

Да заминеме достоинствено во иднината, а не да пропаднеме заборавени и понижени во минатото. Бидејќи, токму тоа ќе ни се случи… Ако не направиме компромис со реалноста, ќе нѐ проголта безумието на кошмарните соништа.

Со онакви ликови како Грујо и весела Фамилија, ќе останеме без Македонија. Ни карабина нема да ни остане, ни шатор.

Затоа, дајте да го земеме имотниот лист, да ја оставиме темната пештера зад нас. Па после можеме да продолжиме да се расправаме меѓу себе, за ланскиот снег или за етничкото потекло на ангелите што играат на врвот на една игла. Друго ќе биде, имотниот лист ќе ни биде в рака. И караницата ќе ни биде послатка и заедничкиот живот ќе ни биде поспокоен.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.