Македонски државјани денеска ќе бидат евакуирани од Израел со авион на „Ер Србија“

од Nikola Popovski
313 прегледи

Владата на Северна Македонија соопшти дека во соработка со „Ер Србија“ е организиран чартер лет на релација Тел Авив-Скопје со цел да се евакуираат сите македонски државјани кои сакаат да го напуштат Израел.

Според соопштението, „согласно одлуката на Владата на Северна Македонија, организиран е чартер лет на релација Тел Авив-Скопје за евакуација на сите граѓани на Северна Македонија кои сакаат да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија“.

„Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиосообраќај со Израел, во соработка со Ер Србија беше надминат предизвикот за организирање чартер лет за превоз на граѓаните кои побараа помош“, се вели во соопштението на Владата на Северна Македонија.

Нагласено е дека авиопревозот, кој ќе се организира денес, ќе биде бесплатен за македонските граѓани кои побарале помош и ќе се плаќа од буџетот на државата.

„За организирање на овој авионски лет, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, достави список и информации за македонски државјани кои се во Израел и кои побарале помош да се вратат во Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утрово изјави дека 60 македонски државјани веќе се вратиле од Израел и оти очекува останатите 90 кои се идентификувани да се вратат денес.

„Досега се идентификувани, регистрирани и контактирани 150 наши државјани од Израел, од кои 60 се веќе пристигнати, а останатите 90 очекувам утре во текот на денот да бидат вратени во Северна Македонија“, кажа вчера Османи на прес-конференција.

Слични содржини