Mакедонски државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа во Скопје

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Околу 85 македонски државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје. Според изјавите на дел од патниците, стравувајќи за својот живот, по престој во различни места во Израел, решиле да се вратат дома.

Во авионот денеска имаше патници и од Србија и од Црна Гора. И за нив, враќањето дома е спас од тамошната ситуација. Според изјавите на патниците, на летот имало повеќе од 70 патници од Србија, а имало и Албанци и Црногорци.

Согласно одлуката донесена од страна на Владата, беше организиран авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.

– Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Владата.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција вчера информираше дека од Израел се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош, а за денеска, како што кажа, се очекуваше да бидат вратени уште 90 граѓани.

Слични содржини