Македонски државјанин кој важи за водач на нарко-мафија која дејствувала низ Европа, е уапсен на аеродромот во Женева, објави швајцарскиот портал „Blick.ch“. Според пишувањата, тој се барал со потерница на ЕУ од 2022 година. Според информациите, станува збор за македонски државјанин кој бил вмешан во организиран криминал. Европските власти веќе подолго време трагале по него, а конечно бил приведен при слетувањето на аеродромот во Женева, а потоа екстрадиран во Австрија.
Како што пишува медиумот, тој го сменил името и најверојатно се надевал дека швајцарската полиција нема да го фати.
Според австриските истражни органи, тој бил баран под сомнение дека организирал шверц на најмалку четири килограми хероин и 1,5 килограми метамфетамин. Јавното обвинителство во Линц го смета за клучен член на регионалната мрежа за дистрибуција на дрога.
Македонскиот наркобос, чиј идентитет не е објавен, долетал од Приштина и имал нови документи направени во Македонија, со сменето име. Но, швајцарските гранични власти успеале да го идентификуваат според лицето, препознавајќи го од потерница.
Австриската полиција најавува дека истрагата продолжува, со цел целосно разоткривање на нарко-групата која со години функционирала на територијата на ЕУ.