Македонски државјанин се обидел да прошверцува 250 килограми марихуана во Хрватска

од Nikola Popovski

Канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал во Хрватска, по спроведена истрага, поднесе обвинение пред Жупанискиот суд во Осиек против државјанин на Северна Македонија, роден 1979 година, кој е обвинет за шверц на речиси 250 килограми марихуана од Албанија. Тамошното обвинителство известило дека од крајот на 2022 година до 6 јануари 2023 година, пријавениот се поврзал со најмалку две непознати лица од Албанија и со повеќе лица од Германија заради набавка и криумчарење на поголеми количини марихуана за понатамошна препродажба во Германија.

„Откако лицата од Албанија, согласно план и договор со нив набавиле 247,4 килограми марихуана, пријавениот за паричен надомест од 20.000 евра го договорил местото, времето, начинот на подигање и криумчарење и испорака на дрогата за лицата во Германија“, стои во соопштението на Хрватската канцеларија, објавија тамошните медиуми.

Оттаму додаваат дека македонскиот државјанин потоа со камион со приколка заминал во Албанија, каде натоварил легален товар – билки наменети за Германија, но и 20 вреќи со марихуана. Според обвинителството, тој во Германија требало да биде пречекан од лица за да се подигне шверцуваната дрога, но на 6 јануари 2023 година бил запрен на ГП Бајаково, при влегување во Хрватска од Србија.

При царинска и гранична контрола и претрес во товарниот дел на приколката, пронајдени се вреќи со 247,4 килограми марихуана. Се бара продолжување на притворот за пријавениот.

Слични содржини