Мицкоски добил поддршка од коалициските партнери за преговори за состав на идната влада

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.

Како што соопштуваат од партијата, констатирано е дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата. Мицкоски добил поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.

-Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа  на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, стои во соопштението.

Мицкоски најави разговори со опозициските партии кои ќе најдат заедничка точка за поврзување со ВМРО-ДПМНЕ, со намера „да им се даде шанса на сите“.

„Граѓаните ќе се гордеат со новата влада. Ќе преговараме со сите опозициски партии, но тоа не значи дека сите ќе бидат дел од новата влада“, рече Мицкоски во својот говор по победата на двојните избори на 8 мај.

Според роковите во Уставот, Владата треба да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ во моментов има неформални разговори само со претставници на коалицијата ВЛЕН која освои 13 пратенички мандати. Не се исклучуваат преговори и со ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица на Димитар Апасиев.

Слични содржини