Делегацијата од пратеничката група на Собранието оствари повеќе средби во Кнесетот на Израел. На средбата со Претседателот на Групата за пријателство со Собранието на РС Македонија, Хамад Амар и членовите на Групата Тсега Мелаку и Владимир Белијак, било истакнато дека соработката меѓу двата парламента претставува важен и вокален дел на целокупната билатерална соработка. Пратеничката група за соработка со Кнесетот, која се формира во континуитет во сите парламентарни мандати, е само еден израз на интересот на Собранието да покаже цврста определба и интерес да одржува блиски контакти со Кнесетот.
-На средбата пратениците разменија видувања за актуелната политичка и безбедносна ситуација во Израел и на Блискиот Исток, геостратешките влијанија врз безбедносната архитектура на глобално ниво, како и за визиите за траен мир. Чекорот напред кон траен мир во регионот на Блискиот Исток и кој стави крај на војната во Газа, што неодамна се постигна со посредство на американскиот претседател Трамп, влева надеж во остварување на вековните аспирации за мир, просперитет и соживот на овој дел од светот.
Делегацијата беше примена од спикерот на Кнесетот, Амир Охана, при што на средбата беше особено истакната вредноста и значењето на парламентарната дипломатија, која дава посебен печат во севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел. Соговорниците се согласија дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план. Ефективните придобивки од градењето на блиски релации меѓу двата парламента претставуваат додадена вредност на севкупните билатерални односи. Спикерот Охана изрази голема благодарност што РС Македонија го поддржува Израел во одбрана на својот суверенитет и дава поддршка и во меѓународните организации и форуми, информираат од Собранието.
Делегацијата остварила средба со претседателот на Комитетот за одбрана и надворешни работи на Кнесетот, Боаз Бизмут. Се разговарало за актуелните случувања на Блискиот Исток, тензиите во Иран и демилитаризацијата на Хамас како втора фаза од Планот на Трамп за Газа. Притоа, била истакната важноста на соработката со други земји и потребата од силна одбрана на една држава како нејзин витален и стратешки интерес.
-Делегацијата ги поздрави одличните тридецениски дипломатски односи меѓу РС Македонија и Државата Израел и се заложи за искористување на нивниот потенцијал во многу области каде Израел остварува извонредни резултати. Особено беше истакнато дека добар пример од Израел што треба да го примениме во нашата земја е враќање на дијаспората, како да се задржат младите во земјата и да се подигне наталитетот, за што беше побарана стручна помош во креирање на акциски план за ова прашање, по примерот на Израел. Во однос на сличните политички и општествени предизвици кои постојат во Израел и во земјите од регионот на Западен Балкан како сензитивен регион, соговорниците ја потенцираа важната улога на парламентарците во одржување на дијалог и релаксирани мултикултурни општествени односи.
Со министерот Сар, Делегацијата оствари продуктивни разговори за надворешно-политичките односи меѓу РС Македонија и Државата Израел, при што беше истакната важноста на овие релации и позитивната соработка во мултилатералните форуми. Особено се цени ставот на нашата земја во ситуации кога има обиди за делегитимирање на Израел на меѓународен план, со што се демонстрира високото ниво на одлични билатерални односи, стои меѓу другото во соопштението од македонскиот Парламент.