Македонскиот јазик и идентитет како никогаш порано не се повеќе заштитени и потврдени во светот, велат од СДСМ за Резолуцијата во американскиот Сенат

од Nikola Popovski
329 прегледи

СДСМ ја поздравува предложената Резолуција во американскиот Сенат да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Овој документ се однесува на Македонците кои живеат и работат во САД.

Според партијата, тоа е уште една потврда за успешноста на меѓународната политика на СДСМ и признание за конструктивната улога на Македонците во градењето на американското општество.

Од „Бихаќка“ велат дека наспроти повеќемесечните лаги на ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет, факт е дека тие како никогаш порано не се повеќе заштитени и потврдени во светот.

СДСМ продолжува да работи на дополнителна меѓународна афирмација на македонскиот јазик, култура и посебност и да ги остварува стратешките цели на државата, соопштија од владеачката партија.

И ВМРО-ДПМНЕ дава безрезервна поддршка на предложената резолуција за заштита на македонскиот идентитет и ги охрабрува и другите институции и држави да донесат документи за поткрепа на многувековната македонската посебност.

Пред повеќе од еден месец беше донесена важна резолуција во друга држава, поврзана со нашиот народ и идентитет. Германскиот парламент на 15 јуни донесе резолуција за поддршка на европскиот пат на нашата земја, во кој ја признава македонската култура, идентитет и јазик. Во документот се препорачува германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од поставување дополнителни услови. Нашата земја е повикана да ја спроведе договорената промена на Уставот и да ги внесе етничките Бугари во земјава.

Слични содржини