Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска потпиша Решение за изучување на македонски јазик и култура по модел Ц во најголемото подрачното основно училиште „Стрмец”, во градот Св. Недела. Ова го соопшти Желка Ненадиќ, претставничка од Управата за национални малцинства при Министерството за наука, образование и млади на манифестацијата „Македонскиот јазикот е нашиот идентитет”, проект поддржан и одобрен од страна на истото министерство.
Барањето е иницијатива на родители, предводени од професорката по македонски јазик Ивана Брезовец. До сега, наставата по македонски јазик во Хрватска се изведува во седум основни училишта и три гимназии. Првиот час во ОУ. „Никола Тесла” во Загреб е одржан пред дваесет години. Наставата во Првата гимназија во Загреб се изведува единаесет години. Освен Македонци и Македонки, наставата можат да ја следат и сите други заинтересирани ученици.
Во Република Хрватска има еден исклучителен пример, наставничката Наталија Лековска која е Македонка и работи во ОУ „Владимир Назор” во општина Потпиќан.
Таа ги подучува своите ученици од прво, второ и трето одделение македонски фолклор и македонски јазик за време на целодневната настава. Учениците и наставничката беа поканети на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет” од страна на координаторката Ивана Брезовец, каде ученичките предводени од својата учителка го играа Пајдушкото оро, а се претставија и со традиционално истарско оро кое се вика „Истарски Балон” или во оригинал „Истарски Балун”. На хармоника свиреше и малата Анамарија Цариќ. За оваа пригода носеа истарски народни носии кои им ги отстапи културниот музички ансамбал „Иван Фоновиќ Златела” од Кршана и МКД „Охридски бисер” од Загреб. Во целата оваа реализација имаа неизмерна поддршка од директорката на самото училиште. Нада Перишиќ и родителите на учениците, што само зборува за еден прекрасен пример на поддршка која Македонците ја добиваат во Република Хрватска.