За разлика од многу западни држави кои пресметуваат минимална саатница, во Македонија тоа не е случај. Економистите сметаат дека преку воведувањето на саатница може да се подобри стандардот, а најголем бенефит би имале привремените и сезонските работници кои немаат трајни договори со компаниите. Според синдикатите, кај нас не се пресметува минимална саатница, бидејќи нејзиниот износ е многу мал и изнесува 150 денари за 168 работни часови месечно.
Во споредба со минималните плати во Европската Унија, кои речиси никогаш не се под 800 евра, Македонија сериозно заостанува. Во Германија минималната саатница е 12,41 евро, додека во Македонија изнесува околу 2,5 евра – разлика која тешко може да се оправда само со различните економски услови.
-При одредување на минимална саатница како репер треба да се земе законски утврдената месечна минимална плата од 24.400 денари. На пример, ако минималната месечна плата е 24.400 денари, по претпоставка дека се однесува за нормално 8-часовно работно време, тогаш ако се подели со вкупно 168 работни часа во месецот се добива дека минималната саатница во државата е 150 денари. Излегува дека навистина е срамота да се каже колку е саатницата на еден работник во државата, бидејќи голем дел од работниците земаат минимална или плата поблиска до просечната. Освен тоа, и износот на сите прекувремени и празнични дневници е многу мал бидејќи основицата е многу мала, велат за „Локално“ од Сојузот на синдикати на Македонија.
Оттаму појаснуваат дека со воведувањето на минимална плата на час би можело полесно да се евидентира прекувремената работа и истата да се плаќа соодветно на сработените часови. Инаку кај нас работниците кои работат на празник треба да земаат повисока дневница од 50 до 250 отсто. Така на пример ако дневницата на еде работник е 1.000 денари за работа на празник треба да земе минимум 1.500 денари.
-Половина од работниците во државата не се ни свесни колку им е мала саатницата. Во приватниот сектор има повисоки плати затоа што работниците имаат многу прекувремени работни часови. Така излегува како еден работник да работи две работи. На пример некој зема плата 55 илјади денари, но работи 280 саати, а ако останал на 168 работни часа ќе земал под 30 илјади, појаснуваат од ССМ.
Од перспектива на западноевропските работодавци, македонскиот работник „чини“ многу малку – но тоа не е поради недостаток на вештини или знаење, туку поради економските услови и системските слабости во земјата. Поради тоа се чувствуваат дека нивниот труд е подценет и девалвиран.
Експертите посочуваат дека проблемот е системски. Работникот не е виновен – тој работи исто напорно, понекогаш и повеќе од колегите во други земји. Но, без инвестиции и додадена вредност, платите остануваат ниски.
Дополнителен проблем е и високата стапка на непријавена работа која ја намалуваат официјалната вредност на трудот. Според домашни истражувања, речиси секој петти работник работи без формален договор, што значи дека нема социјално и пензиско осигурување.
Додека многумина го гледаат решението во иселување и барање подобри услови во странство, експертите предупредуваат дека ова може да доведе до сериозна демографска криза.
Б.С.