Партиските преференции имаат силно влијание врз формирањето на јавното мислење и перцепција за повеќето општествено-политички теми во Република Северна Македонија, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Брима, презентирано и објавено на страницата на Центарот за Европски стратегии „Евротинк“.
Резултатите покажуваат дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 % од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 % во 2022 година. 30 отсто сметаат дека Северна Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ.
Етничката поделеност на оние кои сметаат дека членството на земјата во ЕУ е добро за земјата покажува дека така мислат 90,2 отсто од Албанците и 39,5 отсто од Македонците. Главна причина за поддршката за членството на Северна Македонија во ЕУ, испитаниците ја гледаат во подобрување на животниот стандард (47,7 отсто), намалување на невработеноста (34,3 отсто), поголема демократија (31,1 отсто), можност за работа во странство (21,8 отсто). Најсериозните причини зошто испитаниците сметаат дека земјата не треба да влезе во ЕУ се губење на националниот идентитет (56,1), зголемување на емиграцијата на младите (28,5) и дека „ништо нема да се промени, а ЕУ ќе наметне нови барања“, според 26,8% од испитаниците.
На прашањето „каков е ставот на ЕУ кон Северна Македонија“, 55,8 отсто сметаат дека односот на ЕУ е нефер и „надмен“, а 27,5 отсто сметаат дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен. За 60,8 отсто од анкетираните, ЕУ е најдобрата алтернатива за земјата, а 35,6 отсто сметаат дека Северна Македонија треба да бара свој развоен модел надвор од ЕУ.
На прашањето дали постои земја или меѓународна организација што претставува закана за Северна Македонија, 48 отсто од испитаниците одговориле позитивно, а 79 отсто од нив ја гледаат оваа закана во Бугарија. Овој одговор е најчест кај Македонците (44 проценти) и кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (74 проценти). Втората закана, според истражувањето, испитаниците ја гледаат во Русија (6,3 отсто), по настаните во Украина, а овој одговор е поприсутен кај помладите испитаници и кај испитаниците од албанска националност. Според истражувањето, 39,6 отсто од граѓаните на Северна Македонија сметаат дека најголем пријател на нивната земја е Србија.
Социјалните мрежи се покажале како најважен извор на информации поврзани со политиката (87 отсто), 56 отсто од испитаниците се информираат преку Интернет, а 43 отсто преку телевизија.
Анкетата е спроведена на почетокот на септември годинава меѓу 1.003 граѓани на земјава.