Истражување на Евротинк: Граѓаните најмногу им веруваат на АРМ и религиските институции, а најмалку на Обвинителството и судството

од Nikola Popovski

Центарот за европски стратегии „Евротинк“ ги презентираше наодите од истражувањето на јавно мислење „ЕВРОМЕТАР 2024“ кое беше спроведено во текот на февруари 2024 година.  Истражувањето се фокусира на перцепциите на граѓаните за полицијата на Република Северна Македонија, како дел од напорите на Евротинк во полето на зголемувањето на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на полициското работење.

Во однос на нивото на доверба што граѓаните го имаат во институциите, оваа година тоа е највисоко за Армијата, со 44%. Понатаму следат религиските институции со 35%, па претседателот со 24%.

Обвинителството и судството повторно се најниско оценети, иако оваа година се бележи мало враќање на довербата во нив. Во 2022 година во Обвинителството доверба имале 7 %, а во 2024 година тој процент изнесува 9 %; во судството доверба имале 6 %, а сега тој процент изнесува 9 %.

Во однос на довербата во полицијата како институција, 28 % од испитаниците изразиле доверба, а 43% имале негативен став. За попрецизно разбирање на овие ставови анкетата опфати сет прашања за работењето на полицијата, кои ги опфатија перцепциите на граѓаните за професионалноста, транспарентноста, независноста во работењето, ефикасноста и отчетноста.

Притоа, биле анализирани и ставовите за работата на управните служби при МВР – евалуација на достапноста на информациите во врска со процедурите пред управните служби при МВР и евалуација на работата на управните служби.

Слични содржини