Македонските граѓани плаќаат најскапи патарини во регионот, а возат по најлоши патишта полни со дупки. Само во 2023 година, државата наплатила 62 милиони евра од патарини, што е 100 отсто зголемување на наплатата во однос на 2020 година. Кај нас цените на патарините, односно висината и начинот на наплата ги одредува Владата. Ние имаме отворен систем на патарини и плаќањето е по принцип колку користиш – толку плаќаш.
За разлика од кај нас во регионот се применуваат попрактични системи за наплата како што се вињетки во Бугарија, Романија, Словенија… или затворени системи како во соседна Србија, која наплаќа патарина според поминати километри на автопат, а не според автопатска делница.
Поради тоа, политичката партија Левица повторно побара измени на Законот за јавни патишта со кои се предвидува намалување на цените на патарините за 50 отсто и регулирање на висината на патарината и нивната наплата со закон наместо со правилник на Влада. Ова барање за прв пат беше поднесено пред две години, но беше одбиено од СДСМ која тогаш беше на власт.
-Со години македонските граѓани плаќаат високи цени за патарини, додека патиштата остануваат во катастрофална состојба. Дупки, свлечишта, незавршени делници и криминални тендери, објаснуваат од партијата.
Експертите се согласуваат дека патарините се прескапи со оглед на тоа дека имаме лоши патишта без добро осветлување на клучките, и на одредени делници, без лента за запирање кои не се одржуваат и се небезбедни.

Љупчо Јаневски
-Можете да замислите какво е чувството кога возите по несредени патишта полни со отпадоци, стари банкини, уништени знаци и се што може да се види од мини депонии и несредени паркиралишта. За жал тоа е нашето лице и имиџ на државата кој остава лош впечаток за туристите кои поминуваат по патниот правец Е75 и сакаат што побрзо да ја напуштат. Нема места за одмор, ако сакаат да одморат тоа може да го направат на бензиска пумпа, бидејќи друго решение немаат, вели Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен диртектот на Агенција за промоција и поддрпка на туризмот.
Едно од многуте прашања е зошто толкав број патарини и што се прави со парите што се собираат од патарините кога нема видливи ефекти.
-Цената на патарините никогаш не треба да не загрижува, туку што се добива за истата. Бидејки знаеме во каква состојба ни се главните патни правци и останатите патишта сметам дека во овој момент се прескапи и премногу. Мора да има модернизација и комплетната дигитализација како во соседните и европските земји. Се надевам дека брзо ке се освестиме и ќе започнеме да се грижиме да ги подобриме патиштата и македонските граѓани и туристите да бидат задоволни, вели Јаневски.
Тој вели дека во дел од европските земји се применуваат попрактични систем на наплата со електронска вињета која се издава за една недела, месец или година. Така на пример во Бугарија се вози цел месец за 16 евра, во Романија за 14 евра, во Словенија една недела чини 16 евра, а во Унгарија треба да се платат околу 17 евра за десет дена. Кај нас за два дена на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје ќе платите 12 евра, колку што чини неделна вињета во Австрија.
Б.С.