Откако објавиле упатства и правила за тоа што може, а што не може да се внесе во салата за време на натпреварите на Светското првенство во ракомет во Пореч, Загреб и Вараждин, Хрватскиот ракометен сојуз добил известување од тамошната полиција и безбедносните служби за внесување знамиња во тие сали.
-За безбедност и пријатно искуство на сите посетители, ве молиме придржувајте се до следниве правила за внесување знамиња во салата:
1. Максимална големина на знамето: 200 cm x 150 cm (2 m x 1,5 m)
2. Забрането:
– Знамиња кои го блокираат погледот на другите гледачи.
– Знамиња со навредлива содржина или политички пораки.
3. Дозволени се само знамињата на земјите кои учествуваат на првенството, стои во соопштението на ракометниот сојуз.
Ова значи дека македонските навивачи не смеат да внесуваат знамиња со 16-кракото сонце од Кутлеш, кое беше првото македонското знаме по самостојноста. Во минатото и на други спортски настани, постоеше забрана за внесување на старото македонско знаме.
Во минатото, знамето беше неизоставен дел од сите големи спортски натпреварувања каде што настапува Македонија, симбол кој ги обединува сите македонски навивачи.
Повеќе од 1.000 македонски навивачи се најавени за трите меча на нашата репрезентација во „Вараждин Арена“. Македонија е во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја.