Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска соопшти дека сите ученици и наставникот од Македонија кои се најдоа во погоденото подрачје од земјотресот во Турција се во добра здравствена состојба и се на пат за Анкара, каде ќе преноќат, а во текот на утрешниот ден ќе пристигнат во Скопје.
Османи на прес-конференција рече дека учениците се од Тетово, Гостивар и општина Маврово-Ростуше.
Повредениот млад човек е во добра здравствена состојба и нема скршеници. Османи додаде дека му била укажана лекарска помош, каде што е направено само имобилизација на екстремитетите.
„Утринава околу два часот по полноќ нашиот дипломат ми испрати фотографија на која е заедно со учениците, сите се здрави, добро се и веќе заминаа за Анкара, каде вечерва ќе преноќат, а утре со автобус ќе заминат за Скопје“. Сите се во добра здравствена состојба, а повредениот ученик на кој му била укажана лекарска помош е добро без потреба од никаква хируршка интервенција. Очекуваме утре да пристигнат во Скопје каде ќе се погрижиме за нив“, изјави Османи.
Фото: EPA-EFE/DENIZ TEKIN