„Македонско-бугарско пријателство“: На изборите во недела можат да гласаат Македонците со двојно државјанство

од Nikola Popovski
267 прегледи

Од здружението Македонско-бугарско пријателство целосно ги демантираат лажните информации дека македонските државјани кои поседуваат и бугарски државјанства нема да можат да го искористат своето право на глас на претстојните парламентарни избори во Бугарија кои ќе се одржат на 4 април (недела) 2021 г.

„Во отворените изборни места на територијата на Р. Македонија во Амбасадата на Р. Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат во Битола и во градовите Штип, Охрид и Струмица ќе можат да гласаат сите бугарски државјани кои сакаат да го остварат своето гласачко право.

Подвлекуваме дека нема никаква забрана за гласање на македонските граѓани со бугарски државјанства. Гласините дека ќе можат да гласаат само лицата кои се пријавиле електронски во Централната изборна комисија на Бугарија се ноторна лага. Право на глас имаат сите, а доколку не се пријавени во ниту една од избирачките секции, ќе можат да гласаат откако на лице место пополнат декларација дека не гласале на друго место.

Тоа се правилата на ЦИК, кои се во целосна согласност со бугарскиот закон за избори и нема никакви измени, дополнувања или ограничувања.

Секој македонски граѓанин со бугарски пасош во недела 4 април 2021 г. во веќе објавените избирачки места во Скопје, Битола, Штип, Охрид и Струмица ќе може да го оствари своето право на глас“, стои во соопштението.

Бугарскиот медиум, „Факти.бг“ денес објави дека општината Благоевград започнала процедура за бришење на 3.526 избирачи од селото Рилци.

„Станува збор за бугарски државјани од Македонија. Бришењето започна година ипол по добиените сигнали од жителите на селото дека тие се регистрирани во избирачкиот список, а никој не ги има видено. Тие побарале нивно бришење од избирачкиот список уште пред локалните избори во 2019 година“, стои во објавата.

Слични содржини