За прв пат македонското знаме е поставено на познатата улица The Mall која води кон Бакингемска палата во Лондон.
Знамињата на државите се поставуваат само за официјални посетии за конференции од големо значење.
„Знамето на мојата земја – заедно со 29 знамиња на НАТО членките на TheMall во Лондон. Одлична слика. Република Северна Македонија заедно со сите НАТО сојузници, напиша Амбасадорката на државава во Обединетото Кралство, Александра Миовска.
The flag of my country 🇲🇰 along with 29 flags of @NATO members on the Mall in London. Great picture. The Repubic of North Macedonia together with all #NATO allies. #WeareNATO 🇲🇰 #NATOLondon pic.twitter.com/589FxTKy5D
— Aleksandra Miovska (@a_miovska) December 1, 2019
Ова се случува во пресрет на Самитот на Алијансата во Лондон на 3 и 4 декември на кој ќе учествува висока владина делегацијата, предводена од Претседателот на Владата Зоран Заев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во четвртокот посочи дека нашето учество на лидерскиот состанок на НАТО, како рамноправни со останатите 29 сојузници, е историски ден за државата.
„За прв пат не дозволуваме некој друг за нас да дискутира, туку седиме на масата на која што се носат одлуки кои влијаат на целиот свет. На состанокот на НАТО лидерите ќе бидеме не само присутни, туку и ќе учествуваме и за разлика од ситуацијата пред година и половина во Брисел кога за нас се дискутираше без да бидеме внатре, сега ќе имаме прилика да кажеме – да, ние нашата историска улога ја исполнивме. Тоа немаше да се случи да не беше стратешката поддршка на сите граѓани на оваа држава, тоа немаше да се случи без навистина стратешкиот поглед на Владата, но тоа немаше да се случи и без големата поддршка од страна на Алијансата“, рече министерката Шекеринска по средбата.