По слабите игри во првото коло, репрезентацијата на Германија ја доживеа круната на негативно започнатите квалификации за Светското првенство и претрпе пораз од Северна Македонија на домашен терен. Селекторот на „панцирите“ Јоаким Лев доби јасна порака – бевте добар, но сега е време да си заминете.
„Готово е, Јоги“ – насловот е во „Кикер“, во кој претходно беа наведени сите добри работи поради кои било чест да биде шеф на националниот тим, но дека сега ништо од тоа не постои.
– Магијата што ја произведе Лев за време на СП 2014, за жал, исчезна. Она што тој го направи за Германија не може да се доведе во прашање, но време е да се оди. Новоформираната репрезентација се уште се бара, и со нозе и со глава. Изгледа уморно и по падот, повеќе не се крева против екипите на нивото, на кое е Северна Македонија – пишуваат германските медиуми.
Само поканата на Томас Милер да се врати во селекцијата укажува на тоа дека младите сè уште не се подготвени да го носат главниот товар на грбот. Лев не беше во право кога претходно се откажа од неговите услуги, убеден е во тоа почесниот претседател на Баерн, Ули Хенес.
– Милер мора да биде во тимот, бидејќи тој сè уште може да постигнува голови и може да му помогне на секој тим на планетата да излезе од тешка ситуација – рече Хенес.
Новинарот на Спорт1 продолжи да „пука“ кон Лев, велејќи дека тој „се обесчестил“, но го критикува и Тимо Вернер, кој промаши неверојатна шанса кога резултатот беше се уште 1:1.
– Некои играчи во овој момент и во такви околности не се на највисоко можно ниво – беше оценката на медиумот.
Додека на еден не му се стемни, на друг не може да му се раздени, вели старата поговорка. Шпанските медиуми, по овој шок, го најавуваат Лев како еден од потенцијалните кандидати за наследник на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид.
Французинот имаше очаен почеток, но мадриѓаните полека се будат, и тие се уште се во трката за титулата во Примера, па медиумите веројатно ќе треба да почекаат за ваквиот епилог.