Макрадули бара од СДСМ да реагира за реториката околу Преспанскиот договор

од Nikola Popovski
814 прегледи

Поранешниот втор човек во СДСМ и поранешен потпретседател на Собранието, Јани Макрадули вели е загрижен за малата бројка на пратенички мандати што неговата матична партија ги освои на последните парламентарни избори. На прашањето каде погреши СДСМ, Макрадули истакнува:

-Вистинската анализа треба да се направи внатре во партијата. Не тргнавме лошо во 2017 во еден тежок период. Се отворија многу врати, станавме членка на НАТО и напредувавме на скалилата во слобода на медиумите и демократското општество. За жал, во последно време, не успеавме да ги објасниме политиките и некои потези и тоа, според мене, постоење соло-активност на одредени поединци што доведе до нејасна комуникациска порака кон граѓаните. Исто така, не успеавме да се одбраниме од лажните вести и монополизирањето на медиумите со лоши вести. Тоа создаде една слика кај граѓаните дека СДСМ треба да биде казнет, вели Макрадули во емисијата „Дејли клик“.

За тоа дали очекува лидерот на СДСМ, димитар Ковачевски да поднесе оставка, Макрадули порачува:

-Tоа го направи и Радмила Шекеринска по поразот во 2008 година, тоа го направи и Никола Груевски по локалните избори… За да ја иградите иднината, мора да го адресирате минатото со вистинското име. Затоа мислам дека во едно демократско општество кон кое што одиме, одговорноста мора да присутна од сите чинители во процесот.

Екс-функционерот го разбира сегашниот молк во СДСМ по поразот на двојните избори, но „бара партијата да реагира на загрижувачката реторика на претседателката Гордана Силјановска-Давкова“.

-Се сложувам со ситуацијата околу Преспа – мора да се реагира. Господинот Мицкоски вика ако ви смета тоа за Преспа, тужете не… Мораме да сфатиме дека Договорот не е само на СДСМ – тоа е стратешки документ и на Грција и на САД, не само на Македонија. Тој е дел од нашите услови за пристапување во НАТО и ЕУ. Не сметам дека поигрувањето со него треба да биде одмолчено, кажа Макрадули во емисијата.

-На референдумот за нашето пристапување (во НАТО) гласаа околу 680.000 луѓе. Тоа не е мала бројка и на неа требаше да се работи. Тие граѓани ја сакаа перспективата. Сепак е доволна бројка – ако ја имате сега реториката Македонија во ЕУ, требаше да се направи обид за поширок фронт, додаде Макрадули.

Слични содржини