Макрадули: Не знам дали Владата е свесна за состојбата со Буџетот и дека ниту еден ПР нема да ѝ помогне

„Се плашам дека единствено „решение” за кое размислуваат ќе биде предвремени избори“, смета поранешниот потпретседател на СДСМ

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 21

Екс-функционерот и поранешен потпретседател на СДСМ, Јани Макрадули ја коментираше состојбата во владините редови, особено по изјавите на министерката за енергетика, Сања Божиновска дека државниот Буџет не е во најдобра состојба. Макрадули потсетува дека двајца министри од актуелната Влада јавно признаа дека буџетот не е баш во посакувана состојба и како што додава: „капиталните инвестиции се изгубени во простор и време; британскиот кредит нема да го види светлото на денот во 2026 година; се бега од одговорност за нереализираните политики и проекти; нема реализација на проекти од унгарскиот кредит за општините, со образложение, демек немало работници и нема најави за нови проекти за општините“.

„Во меѓувреме: – министерот за надворешни работи и трговија, по којзнае кој пат, е во Дубаи, а одговорот за тоа како поминале 5 тони преку граница е сведено на тоа дека некој имал 40 забрани за возење. Не знам дали Владата е свесна за состојбата со буџетот и дека ниту еден ПР нема да и помогне во справување со состојбата. Се плашам дека единствено “решение” за кое размислуваат, ќе биде предвремени избори“, истакнува поранешниот функционер.

Според него, истовремено, одеднаш се менуваат изјавите на директорката на УЈП, Елена Петров дека се најавува договор со кумановците кои работеле во странство и се пушта во јавноста приказна за микро-синдикално договарање со УПОЗ.

„Изгледа дека Владата сериозно работи само на управување со впечатокот дека нешто се случува, а во позадина се бара начин, како ПР сликата да биде единствената слика која мораме да ја гледаме, ама никако во реалност да ја видиме“, стои во објавата на Макрадули.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вчера преку реакција до медиумите појаснуваат дека изјавата на министерката за енергетика за состојбата на Буџетот се однесувала исклучиво на реалната можност државата сама да го  финансира „Чебрен“. Реакцијата, како што посочуваат од Министерството, е по тврдењата од СДСМ за состојбите во Буџетот.

Од таму додаваат дека јавно кажуваат што е финансиски можно, а што би било неодговорно и ризично за државата.

„Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно мора да ја научи“, се вели во реакцијата.