Макрон: Мирот што е капитулација е лоша вест за сите, вклучувајќи ги и за Американците

од Vladimir Zorba
56 прегледи

Емануел Макрон предупреди дека потенцијалниот мировен договор за војната во Украина би претставувал „капитулација“. Францускиот претседател рече дека само украинскиот претседател Володимир Зеленски може да преговара во име на неговата земја со Русија за завршување на војната. Тој во интервју за „Фајненшл тајмс“ предупреди дека „мирот што е капитулација“ ќе биде „лоша вест за сите“, вклучително и за Соединетите држави.

Коментарите доаѓаат поради стравувањата во Европа дека Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се обидуваат да преговараат за иднината на европската безбедност без европските лидери, при што американскиот претседател веќе направи голем број отстапки.

„Единственото прашање во овој момент е дали претседателот Путин е навистина, одржливо и веродостојно подготвен да се согласи на прекин на огнот под овие услови. После тоа, на Украинците им останува да преговараат со Русија“, изјави Макрон за ФТ.

Трамп синоќа изјави дека американските и руските претставници ќе се сретнат денеска во Минхен, каде што се одржува голема безбедносна конференција, а поканета е и Украина.

Сепак, советникот за комуникации на украинскиот претседател Дмитро Литвин рече: „Преговори со Русите во Минхен не се предвидени“. Според него, Украина верува дека САД, Европа и Украина мора да постигнат заеднички став пред да започнат преговорите со Москва“.

За време на заедничката прес-конференција со индискиот премиер Нарендра Моди во Белата куќа во четвртокот вечерта, американскиот претседател беше запрашан што очекува Русија да признае.

„Русија навлезе во нешто за што жалат, мислам“, одговори Трамп. „Да бев претседател, тоа немаше да се случи, апсолутно немаше да се случи. И тоа не се случи четири години“.

„Сега Русија презеде прилично голем дел од територијата и тие исто така од првиот ден, долго пред претседателот Путин, велат дека Украина не може да биде во НАТО. Тие го кажаа тоа многу силно. Всушност мислам дека тоа беше причината поради која започна војната, и тоа го рекоа Бајден и Зеленски“, рече тој.

Трамп инсистираше на тоа дека е „премногу рано“ да се каже што ќе се случи во преговорите. „Можеби Русија ќе направи многу отстапки. Можеби не. Се зависи од тоа што ќе се случи. Преговорите сè уште не се навистина започнати“.

Зеленски треба да се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на безбедносна конференција во Германија во петок. Трамп вчера ги објави плановите за почеток на преговори со Русија, велејќи дека верува оти Путин „сака мир“ во Украина и дека „ќе му каже ако не го стори тоа“.

Макрон изјави за ФТ дека Украина треба да разговара за прашањата за територијата и суверенитетот, но додаде дека Европа треба да игра улога во регионалната безбедност.

„Меѓународната заедница, со специфична улога за Европејците, треба да разговара за безбедносните гаранции и за поширока безбедносна рамка за целиот регион“, рече Макрон. „Ние имаме улога овде.

Во четвртокот вечерта, Трамп исто така ја искористи прес-конференцијата со Моди за повторно да ја обвини Европа дека не дава доволна поддршка на Украина. Трамп рече: „Имавме разговори и и кажавме на Европската унија, им кажавме на луѓето од НАТО – кои во голема мера се преклопуваат – дека треба да платат повеќе бидејќи тоа што го правиме не е фер“.

„Даваме неверојатна сума повеќе, веројатно 200 милијарди долари повеќе за Украина, а Европа навистина не го понесе својот дел од товарот во однос на парите. Тоа не е фер и сакаме да видиме рамнотежа. Сакаме и тие да инвестираат повеќе пари. Тие мора да го направат тоа“, рече тој.

Минатиот месец ЕУ објави дека обезбедила финансиска, воена и хуманитарна помош за Украина од речиси 145 милијарди долари од почетокот на војната.

Слични содржини