Макрон: Нашата позиција е позната, нема проширување без реформи во преговарачката процедура

од Aleksandar Todeski
366 прегледи

Францускиот претседател, Емануел Макрон, по лидерскиот состанок во НАТО, на прашање на македонските медиуми зошто го блокирал стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија во октомври изјави дека не бил сам во таа одлука.

„Ја прифаќам лошата улога уште еднаш, ако сакаат луѓето да велат дека само Франција беше против, уште еднаш ќе прифатам, но Франција не беше единствена против почетокот на преговорите“, истакна Макрон.

Тој уште еднаш нагласи дека позицијата на Париз е дека ќе одбие секакво отворање на преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура.

„Сметам дека пристапната процедура е премногу бирократска, конфузна, не е читка, не може да се сопре и не е релевантна, вклучително за засегнатите земји, прашајте ги Србите дали им се менува животот на секое отворање поглавје, мораме да ја обмислиме процедурата на постратешки начин“, рече Макрон.

Макрон понатаму додаде дека „целосно ги признава постигнувањата на Северна Македонија, вклучително и промената на името“ и дека станува збор за „многу храбар потег“.

„Но, пред кое било ново отворање преговори многу експлицитно кажав дека сакам да се реформира процедурата, таа да биде реверзибилна и да овозможи диференцијација, да биде пополитичка и да биде придружена од фази на стратешки партнерства со соодветни инвестиции“, вели тој.

Макрон ја доведе во прашање и сигурноста на полноправното членство за земјите од регионот во ЕУ.

„Целта кон западниот Балкан ни е целосно да ги вкотвиме од европска страна, тоа е геополитичкиот предизивик, тоа вкотвување можеби поминува преку перспективата на зачленување за некои, но треба да бидеме јасни дека поминува преку фази на стратешки партнерства и инвестиции. Основа грешка што ја направивме колективно беше да сметаме дека нашиот единствен однос кон западниот Балкан е членството. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години… отвораме и никогаш нема да затвориме, видовме со Турција“, вели Макрон.

Францускиот претседател дообјасни механизмот на ЕУ кон западниот Балкан е проширувањето, но дека тоа не е здраво.

„Го создадовме тој механизам во кој велиме нашиот однос кон западниот Балкан е проширувањето и всушност од замор одлучуваме да го сториме тоа, да отвориме и да прошириме, сметам дека тоа не е здраво и дека не си ги кажуваме работите искрено“, изјави Макрон.

Тој по втор пат ги поздрави „напорите“ на Северна Македонија, како и на Албанија и оцени дека треба да се отворат „канали кон посилно и поинтензивно стратешко партнерство“ придружено од поголеми инвестиции во регионот „кои ќе го сменат животот на народот“, меѓу другото во образованието и културата.

Пред било кое отворање на преговори процедурата мора да се направи пореверзибилна и се надевам дека ќе успееме тоа да го сториме пред самитот во Загреб, потцрта Макрон.

„Сакам да бидеме јасни дека отворањето преговори нема да значи никаков автоматизам во однос на затворањето на тие преговори и сакам во позадина процедура во која повеќе инвестираме“, изјави францускиот претседател.

Конечно, тој потврди дека Франција била и останува против било какво одвојување од Албанија.

„Одбивам одвојување на Албанија и Северна Македонија, тоа е прашање на рамнотежа на регионот, лошо е да се одвојат, смртоносна одлука ќе беше ако отворевме со Северна Македонија, а не Албанија“, порача Макрон.

Тој им упати порака и на другите земји членки на ЕУ во однос на иднината на проширувањето и рече дека нема да прифати ниедна нова земја членка во ЕУ доколку претходно не се реформира процесот на консензуално одлучување и не се воведе поголема стапка на одлучување преку квалификувано мнозинство. Друг услов ќе биде земјите на ЕУ да прифатат дека не може секоја земја членка да има свој комесар во Европската Комисија.

Слични содржини