Максути: Каматата на еврообврзницата теоретски може да ги загрижува инвеститорите, но нивниот голем интерес е потврда дека веруваат во нашата економија

од Nikola Popovski
347 прегледи

Не стивнуваат реакциите на економистите во однос на издавањето на новата еврообврзница во износ од 600 милиони евра и каматна стапка од 6,25 %. За универзитетскиот професор Али Максути новото задолжување е вообичаена метода за финансирање на институциите и враќање на стари долгови, но се согласува дека каматната стапка во услови на ваква економска криза и низок економски раст, е висока а со тоа и исклучително ризична. Каматата теоретски може да ги загрижува инвеститорите вели тој, но нивниот голем интерес е потврда на добрите владини политики.

-Ако се знае дека еврообврзниците се користат за затворање или сервисирање на старите долгови со овој процент со голем ризик, наместо за капитални инвестиции, може да укажува на недостаток на фискална дициплина и потенцијално ограничен иден потенцијален раст. Од теоретски аспект, со оваа каматна стапка за еврообврзница, инвеститорите може да имаат помала веројатност да ја купат обврзницата поради загриженост за способноста на издавачот да го отплати долгот и да генерира принос за инвеститорите. Важно е да се земат во предвид контекстот и пошироките финансиски и економски услови на пазарот кога се оценува издавањето на нова обврзница и нејзиното потенцијално влијание, но бидејќи побарувачката е голема, инвеститорите веруваат во нашата економија, објаснува Максути за Локално.

Македонија пред три дена ја издаде деветата по ред еврообврзница со рок на доспевање од четири месеци. Според зборовите на министерот за финансии Фатмир Бесими стратегијата што при тоа била применета, била успешна трансакција бидејќи ќе се обезбедат средства за еврообврзницата издадена во 2016 година а сето тоа со помал трошок за буџетот и граѓаните.

Во однос на последното затегање на монетарнта политика, професорот Максути нема дилеми дека тоа зголемувањето на каматните стапки за дополнителни 0,5% може да има импликации врз граѓаните.

-Повисоките каматни стапки може да го поскапат и задолжувањето, што потенцијално може да доведе до забавување на економската активност, особено во делот на  станбените и потрошувачки кредити. Од друга страна, повисоките каматни стапки можат да поттикнат и штедење и да ја поддржат вредноста на валутата, што може да биде од корист за економијата на долг рок, дециден е тој.

Со оглед на актуелните менливи состојби на политички и на економски план и дома и во странство, Максути не сака да дава прогнози за движењата и импликациите врз економијата во текот на целата година, но убеден е дека внимателното следење на економските показатели и континуираното спроведување на здрава фискална и монетарна политика може да помогне во поддршка на стабилноста и растот на економијата на долг рок што на крајот вели тој, зависи од политичката волја.

К.В.С.

Слични содржини