Протестите во Белград се најголемите протести во Европа од оние на кои и јас учествував во 1968 година, кога брановите на студентските протести од западниот брег на Америка се префрлија на источниот, потоа се проширија во Европа, а на крајот стигнаа и до Југославија, каде што имаше собири и во Скопје, изјави за „Локално“ универзитетскиот професор Денко Малески на прашање за негово мислење за протестите во Србија.
Тој нагласи дека сегашните протести се специфични бидејќи се предводени од нова генерација студенти, кои јасно изразуваат незадоволство од политичката сцена во Србија, но одбиваат да се идентификуваат со која било партија – ниту со оние на власт, ниту со опозицијата. Малески истакна дека движењето е уникатно и по тоа што нема раководство, ниту пак има намера да избере лидерство што би преговарало со властите. Универзитетскиот професор смета дека целта е да се мобилизира народот на протест.
„Протестите во Белград се најголемите во Евопа по оние на кои и јас учествував во 1968 година, кога брановите на студентските протести од западниот брег на Америка се префрлија на источниот, потоа се проширија во Европа, а на крајот стигнаа и до Југославија, каде што имаше собири и во Скопје. Ова е многу специфичен протест на една сосема нова генерација, која, според она што го забележуваме, изразува незадоволство од однесувањето на сите партии во Србија и не сака да се идентификува со ниту една од нив – ниту со тие на власт, ниту со опозицијата. Свесен за тоа, Вулиќ по протестот не кажа ниту еден лош збор за студентите, туку напротив, изјави дека во моментот кога тие сфатиле дека партиски или други радикални групи се вмешале, го напуштиле протестот. Што е специфично за српските студенти? Тие изразуваат незадоволство од севкупната политика и велат дека сите партии, уште од распадот на Југославија, се корумпирани. Не предлагаат конкретен начин како тоа да се надмине, ниту пак заземаат страна, туку едноставно протестираат против корупцијата и злоупотребата на политичките партии врз изборниот процес, со цел одржување на системот, кој според нив, е трул и мора да се менува. Тоа е карактеристично за ова движење, кое нема раководство, ниту пак сака да избере студентско раководство што би преговарало со властите за одредени барања. Нивната единствена цел е да го мобилизираат народот во протест, а веројатно сметаат дека решенијата треба да ги изнајдат партиите“ изјави Малески.
На прашањето дали протестите од Белград ќе се прелеат во Македонија и македонските студенти како нивните колеги од Белград ќе излезат на протест против сите политички партии и против корупцијата во државава, Малески нагласува дека не може да даде точна проценка, но смета дека постои одредена доза на страв кај властите српското сценарио да се случи и во Македонија. Според универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи, младите во земјава споделуваат слично незадоволство како нивните генерации во Србија, но не е јасно дали ќе се организираат во протест. Тој нагласува дека незадоволството не е доволно само по себе – потребна е критична маса што ќе го трансформира во активизам. Малески смета дека постои ризик евентуалниот бунт на студентите да биде злоупотребен за продлабочување на постојните партиски конфликти кај нас.
„За жал, не можам точно да проценам, но веројатно постои страв кај власта дека тоа би можело да се повтори. Од лично искуство и средби со млади луѓе од таа генерација, забележувам дека и кај нас, меѓу студентите и младите, генерално постои незадоволство од работата на сите партии. Би можело да се каже дека тие го споделуваат мислењето на српските студенти, односно дека сите партии во Македонија се корумпирани. Кај младите, исто така, постои чувство на одбивност кон политиката, кое отворено го изразуваат. Во таа смисла, нивните ставови не се разликуваат многу од оние на нивните врсници во Србија. Колку е тоа распространето кај нас, не можам да кажам, бидејќи главната поделба сè уште останува партиската. Не можам со сигурност да тврдам дали постои доволна критична маса меѓу студентите за да се обединат во протест против системот, со обвинување дека сите партии се корумпирани, и да најдат начин како да ја извлечат земјата од оваа ситуација. Кај нас, исто така, постои можност за злоупотреба на ваквата ситуација, особено преку дополнително продлабочување на поделбите. Иако новата власт и премиерот најавуваат дека нема да се прави разлика по партиска или национална основа и дека ќе се бара одговорност за настанот во Кочани, постојат индикации дека тоа би можело да се искористи како пресметка со опонентите во опозицијата. Ако сето тоа се сведе на таква пресметка, тоа би можело да предизвика дополнителни последици. Ако навистина се покаже дека сè ќе се одвива преку судскиот систем, тоа е она што би сакале да го видат и македонските студенти и граѓани. Тие не сакаат да гледаат репризи на типични меѓупартиски пресметки, кои станаа правило – секоја нова власт да се пресметува со претходната, а потоа да ја доживее истата судбина на следните избори. Потребно е да се создаде систем кој во текот на владеењето ќе овозможи контрола врз оние што се на власт, ќе спречи корупција и ќе обезбеди отчетност. Но, за тоа е неопходен договор меѓу политичките партии. Додека едните ги фрлаат другите во затвор, а нема договор за демократски принципи, хаосот може да продолжи, и се плашам дека истата ситуација би можела повторно да се случи“ нагласува Малески.
Малески нагласи дека денешната генерација млади луѓе живее во сосема поинакви услови во однос на минатото и според него новите генерации денес се многу посвесни за стандардите на добро владеење за разлика од минатото. Тој нагласи дека денешната младина е отворена кон светот и има пристап до информации кои овозможуваат да се направи споредба помеѓу различните модели на владеење. Според него пристапот до интернет дава пристап до механизми кои укажуваат што значи добра власт. Малески смета дека ова ја става македонската власт пред огромен предизвик бидејќи како што нагласува, граѓаните гледаат одредени демократски стандарди на своите екрани, но во реалноста се соочуваат со состојба што не им се допаѓа.
„Оваа генерација живее во сосема поинакви услови. Ние, мојата генерација, живеевме во време на Студената војна, кога светот беше блоковски поделен. Нашата држава, тогашната федерација Југославија, можеше да се нарече светилник во еднопартискиот систем. Во таа зона на комунистички режими во Европа, Југославија беше земја што беше отворена – можеше да се патува, за разлика од другите, да се читаат книги. Тоа не може да се споредува со денешната состојба. Денешната генерација е отворена кон светот и сите негови вредности. Секој може преку интернет да види и препознае што значи добра власт и квалитетно владеење. Никој никого не може да излаже, бидејќи реалноста е видлива и проверлива. Дури и ако не може да патува, секој може да прочита и да разбере што е добро, а што лошо во различните политички системи. Затоа, македонската власт е соочена со огромен предизвик. Луѓето гледаат демократски стандарди на своите екрани, а истовремено ја доживуваат реалноста која не им се допаѓа. Токму затоа, предизвиците пред власта се големи. Сметам дека пресметката со корупцијата треба да се спроведе преку унапредување на демократијата, а не преку авторитарни методи. Доколку државата тргне по патот на авторитарното владеење за да се бори со „чудовиштето“ на корупцијата, многу лесно може да се случи самата да стане дел од тој проблем. Работата е многу посложена – во услови на слобода и демократија, сите бараме отчетност од власта. Отчетноста не значи само одговорност, туку и контрола на сите можни нивоа. Сите што располагаат со јавна власт и моќ мора да бидат подложни на механизми на отчетност, нешто што многу му недостига на македонското општество“ завршува Малески.
Д.Ѓ