Малески: И да воведеме целосен мораториум на изјави за Бугарија, повторно ќе бидеме обвинети за „непријателска пропаганда“

од Vladimir Zorba

Јунското заседание на Европскиот совет, со кое се заокружува француското претседавање со Унијата, претставува нова можност за давање на нов засилен импулс на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. За Северна Македонија и Албанија тоа конкретно би значело добивање на датум за почеток на пристапните преговори. За таа цел е неопходно Бугарија да го тргне ветото, за што подолго време течат преговори меѓу нашата земја и нашиот источен сосед во кои директно и индиректно е вклучен и Брисел, преку своите високи претставници, вели во разговор за „Локално“ Огнен Малески, поранешен амбасадор и претседател на Дипломатскиот клуб.

Токму во функција на деблокада на процесот на проширување преку изнаоѓање заемно прифатлива солуција за Скопје и Софија ја гледа и основната поента на посетата на комесарот за Оливер Вархеји на двете престолнини.

Што се однесува до посетата на г-ѓа Карен Донфрид на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан, станува збор за нејзина прва посета на регионот по превземањето на оваа висока функција во Стејт Департментот.

-Таа се реализира во особено деликатен момент кога беснее војната во Украина и кога заради актот на агресија на Русија сериозно се затресени темелите на светскиот политички, економски и безбедносен поредок. Покрај оваа тема, се очекува во разговорите со македонскиот државен врв, меѓу другото, да бидат опфатени теми и прашања поврзани со регионалната соработка, активностите во рамките на НАТО, како и реафирмација на силната поддршка на САД на Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, истакнува поранешниот амбасадор.

Сепак, тврди, дали притисокот на Брисел и Вашингтон до јунскиот самит ќе вроди со плод е големо прашање, особено имајќи го предвид разногласието во бугарскиот државен врв, но и во самата бугарска влада.

На прашањето дали Западен Балкан е во втор план сега за ЕУ, со оглед на конфликтот во Украина и дали со тоа и спорот меѓу Македонија и Бугарија ќе биде ставен „на страна“, Малески истакнува дека јасно е дека војната во Украина предизвикана од руската инвазија и бројните последици (политички, економски, безбедноси и сл.) од неа, се наоѓа во фокусот на Унијата.

-Но, немам впечаток дека заради тоа темата на проширување со земјите од Западен Балкан – а во тој контекст и потребата од брза разврска на блокадата на Бугарија – се ставени „на страна“. Напротив, се’ попросутно е сфаќањето дури и меѓу до неодамна тврдите противници на проширувањето, дека оставањето на status quo ситуација отвора сериозен простор за засилена пенетрација на Русија и Кина, заради што е неопходно забрзување на процесот на зачленување на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Во однос на тоа дека реториката кај нашиот источен сосед се заострува, откако двата претседатели на земјите Радев и Пендаровски си разменија неколку „отровни стрели“ во врска со наводни концентрациони логори во земјава, претседателот на Дипломатскиот клуб смета дека за изнаоѓање на компромисни решенија е неопходно и постоење на соодветна позитивна клима во јавноста за чие градење најмногу можат да придонесат државните функционери и медиумите во двете земји.

-За жал, наместо тоа сведоци сме скоро секојдневно на разни провокативни и навредувачки изјави од одредени високи бугарски државни функционери, при што било каква реакција од наша страна веднаш се претставува како „антибугарска пропаганда“. Во конкретниот случај апсолутно не се согласувам дека постои равенство во содржината на изјавите на претседателите Пендаровски и Радев. За жал, имам впечаток и да воведеме целосен мораториум на изјави кои се однесуваат на Бугарија, повторно ќе бидеме обвинети за „непријателска пропаганда“, дециден е Малески.

За изјавата на бугарскиот премиер Петков, дека земјава ќе стане членка најрано за 10 години, мисли дека главната поента е да се нагласи можноста од пролонгирано вето, односно блокада во подоцнежните фази на преговарачкиот процес на нашата земја со ЕУ, а не самата должина на преговорите (10 години).

-Изјавата е дадена во функција на евентуално симнување на ветото на следниот самит на ЕУ, но за жал најавува и идни закани со блокади на преговорите. Што се однесува до должината на преговорите, тоа во многу ќе зависи од нас и нашата поготвеност, но и од процесите во самата Унија која веќе подолго време укажува на потребата од внесување промени во нејзиното функционирање, категоричен е поранешниот амбасадор.

На прашањето дали очекува клучно „поттурнување“ за решение на спорот до јуни по посетата и на помошникот државен секретар,Донфрид, со оглед на тоа дека членството во ЕУ, како што и самите Европејци велат, „станува безбедносно прашање“, Малески е на мислење дека САД во повеќе наврати јасно ставиле до знаење дека станува збор за прашање чие решавање е исклучиво во ингеренција на Унијата.

-Истовремено, дефинирајќи ја својата позиција, САД недвосмислено ставија до знаење дека ги гледаат земјите од Западен Балкан како идни полноправни членки на Унијата. Во тој контекст е и континуираната силна поддршка на Северна Македонија за што поскорешно отпочнување на пристапните преговори. За очекување е тоа повторно да биде нагласено и при скорешната посета на помошникот на државниот секретар Карен Донфрид на нашата земја. Јуни е секако можен датум за сериозен европски исчекор и секоја шанса треба да се искористи, но за жал доскорешното искуство ни вели дека не треба премногу да очекуваме, додаде Малески.

Б.М.

Слични содржини