Манчевски нов лауреат на наградата „Живојин Жика Павловиќ“

од Берта Китинска

Режисерот, сценарист и писател Милчо Манчевски е добитник на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за афирмација на регионалната филмска уметност во светот, која ќе му биде врачена на Меѓународниот фестивал за филмска режија во Лесковац (LIFFE), од 15. до 20. септември, соопштија денес организаторите.

Манчевски е еден од најистакнатите филмаџии од регионот, кој остави значаен белег во промоцијата на регионалната кинематографија во светот и со тоа го заслужи главното признание на фестивалот што го носи името на српскиот кинематографер Павловиќ, по одлука на LIFFE.

„Нема мали и големи кинематографии. Има мали и големи филмови, мали и големи автори. Павловиќ е еден од најголемите и затоа навистина се радувам на оваа награда што го носи неговото име“, рече Манчевски.

Македонскиот режисер досега има снимено седум филмови, меѓу кои и „Пред дождот“ (1994), кој го освои „Златниот лав“ на филмскиот фестивал во Венеција, додека влијателниот весник „Њујорк Тајмс“ го вклучи во својот водич за најдобри 1.000 филмови некогаш направени. Манчевски е автор на повеќе од педесет кратки филмови, како и на едно продолжение на серијалот „Wire“.

Помеѓу претходните добитници на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ се Горан Марковиќ, Слободан Шијан, Емир Кустурица, Раде Шербеџија, Предраг Мики Манојловиќ, Лазар Ристовски, Драган Николиќ, Велимир Бата Жилавојиновиќ Славко Штимац итн.

На фестивалот во Лесковац се доделуваат две награди за режија и две актерски награди, а уметнички директор на LIFFE е режисерот Дарко Бајиќ. LIFFE ќе се одржи по 15-ти пат во организација на Лесковачкиот културен центар и под покровителство на Министерството за култура и информирање на Србија и градот Лесковац.

Слични содржини