МАНУ: Одговорноста е кај политичките партии

од desk2
70 прегледи

Претседателството на МАНУ во пишано обраќање до јавноста изразува длабока загриженост за актуелната политичка состојба во земјата, за долгото опстојување на кризата, за продлабочувањето на меѓу партиските тензии во постизборниот период, кои, како што наведува, наместо кон смирување, водат кон понатамошно комплицирање на состојбите, кон продлабочување на поделбите меѓу граѓаните на Македонија и кои продуцираат страв и немир пред големата неизвесност – што ќе донесе утрешниот ден.

„Претседателството на МАНУ повторно укажува дека за надминување на кризата и враќање на земјата на патот на правната држава, ефективно функционирање на независни судски и други институции, владеење на правото и ослободување и раздвижување на евроатлантските интеграциски процеси, најголема одговорност носат политичките партии и нивните раководства“, наведува МАНУ во дописот.

Претседателството на Академијата оценува дека за расплетот на кризата неопходно е да престанат сите обиди за поттикнување омраза, непријателство, па дури и закани за пресметки врз национална, етничка или политичка основа и тие да се осудат од политичките партии, медиумите и од другите општествени субјекти, за да почне да се гради атмосфера на конструктивен, обединувачки и плодотворен дијалог.