Британскиот тенисер Енди Мареј доби специјална покана за учество на Австралија опен, соопштија организаторите.
Мареј е петкратен финалист на Австралија опен, а моментално е 134-ти тенисер во светот.
„Енди Мареј имаше многу незаборавни моменти на Австралија Опен. Неговите одлични изданија го направија омилен меѓу љубителите на тенисот во Мелбурн Парк”, изјави директорот на турнирот Крег Тајли.
Британецот е возбуден поради фактот што повторно ќе игра во Мелбурн.
„Имав убави моменти во Австралија играјќи пред таа прекрасна публика и едвај чекам повторно да излезам на теренот во Мелбурн Парк“, изјави Мареј.
Енди последен пат играше во Австралија во 2019 година, кога на стартот на натпреварувањето беше поразен во пет сета од Шпанецот Роберт Баутиста Агут, а минатата недела настапи на егзибицискиот турнир во Абу Даби каде го победи Рафаел Надал.
Австралија опен е на програмата од 17 до 30 јануари следната година.