Министерот за правда, Бојан Маричиќ уште еднаш повтори дека власта не се меша во истрагата за опожарената ковид-болница во Тетово.
-Да беше така немаше да ги повикаме германските истражители да дојдат. Сите институции на власта помагаат. Местото на настанот е обезбедено и експертите ги имаат сите предуслови за брза и успешна истрага. Ние како Влада сме заинтересирани час поскоро да излезат институциите со фактите, кои ќе помогнат за понатамошно постапување и извлекување научени лекции од овој трагичен настан, изјави Маричиќ.
Прашан кој дал техничка согласност за пуштање во употреба на болницата, министерот рече дека тоа е сосема надвор од неговите надлежности и нема информации за тоа.
Четиринаесет лица ги загубија животите во пожарот којшто ја зафати модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа болни од Ковид-19. Истрагата е се уште во тек.