Маричиќ: Ги прифативме забелешките на граѓаните за однесувањето на ДУИ, уверуваме дека нема да ги повториме крупните грешки

од Nikola Popovski
828 прегледи

Ги прифаќаме резултатите од првиот круг на претседателските избори и ги разбираме како многу сериозна порака за ставот на граѓаните кон СДСМ. И порано сме биле во слични предизвици и секогаш сме наоѓале сила и начин како да се исправиме и консолидираме. Тоа почнавме уште од вчера. Наша државничка и граѓанска обврска е да продолжиме да се бориме. Веќе сме со нашите граѓани и поддржувачи, како во нашите штабови, така и во маалата, рече членот на СДСМ и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција со вицепремиерката на Молдавија, Кристина Герасимов која е во посета на земјава.

Маричиќ вели дека се свесни за сите разочарувања на граѓаните, поврзани и со европските интеграции и со тоа што во моментот, во повеќе точки ЕУ не беше целосно праведна и фер кон нас.

-И во однос на однесувањето на нашиот најголем коалициски партнер ДУИ и од тоа го имаме прифатено како забелешка, како и борбата против криминалот и корупцијата. Јасно е дека на 8 мај треба да имаме посилен СДСМ од ова што го имаме сега, затоа што без тоа на Македонија ѝ се заканува еден огромен популистички и националистички виор кој не знаеме каде може да не однесе, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања во однос на европскиот пат на земјава со оглед на резултатите од изборите.

Според вицепремиерот, раководството на СДСМ не се бори за гол опстанок на власт и по секоја цена да ја формира власта, туку за принципите и политиките во кои што веруваат.

-Многу работа не очекува и по 8 мај, и како партија и како институции. Гледате дека ВМРО-ДПМНЕ избегнува да говори за евроинтеграциите – се крева една националистичка реторика. За жал, тоа беше прифатено и од ДУИ, дури и иницирано. Граѓаните не можат да видат среќа, само набој од таквата реторика. Верувам дека во остатокот од кампањата ќе допреме до секој граѓанин, наш член и поддржувач. Со јасно уверување дека нема да повториме ниту една крупна грешка за кои што сме политички санкционирани и ќе работиме на нивно надминување. СДСМ е политичката сила која може да ја продолжи оваа приказна, додаде Маричиќ.

Слични содржини