Маричиќ: Со Планот за раст ќе се почувствуваат придобивките на економскиот развој на патот кон ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
253 прегледи

Целта на спроведувањето на Планот за раст и Развој на заедничкиот регионален пазар е граѓаните да ги почувствуваат придобивките со социо-економскиот развој на регионот на патот кон ЕУ, се до полноправното членство на Северна Македонија, наведе на својата Фејсбук страница првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој присуствува на регионалниот состанок за европска интеграција во Тирана.

Тој информира дека во фокусот на регионалниот состанок во Тирана се соработката на земјите од Западен Балкан и спроведувањето на Планот за раст и развој на Заедничкиот регионален пазар.

„Определувањето на конкретни мерки и приоритетни акции за вклучувањето на економиите во единствениот пазар на ЕУ значат забрзана интеграција на Западен Балкан и значително зголемен социо-економски развој на регионот“, напиша Маричиќ.

Додава дека поддршката и соработката со претставниците од Европската комисија, комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, претставниците на меѓународните финансиски институции, нашите стратешки партнери и пријатели се дополнителна мотивација за имплементација на Планот за раст за Западен Балкан.

Маричиќ наведе дека на состанокот се договорени неколки конкретни мерки – учество во единствената платежна зона на ЕУ позната како СЕПА, што значи олеснето и поефтино плаќање на производи и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан, соопшти СЕП.

„Oва е особено важно за нашата дијаспора која редовно праќа средства дома. Мерката ќе се спроведе до крајот на годината. Друга конкретна мерка се Зелените ленти на граничните премини за возила кои носат производи од Западен Балкан. Целта е да се намали времето на чекање, а да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој“, информира Маричиќ.

Додава дека следна мерка е WIFI за Западен Балкан, кој ќе овозможи бесплатен Интернет пристап за граѓаните во јавните простори и објекти во 500 општини од целиот регион на Западен Балкан.

„Оваа обврска ја превземавме исто така до крајот на годинава, со финансиска помош од ЕУ“, истакна тој, додавајќи дека мерката за пристап до Европската мрежа на центри за дигитални иновации, ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средни претпријатија, стартапи и јавниот сектор во земјите од Западен Балкан.

Последната мерка, нагласува Маричиќ, е вклучувањето на нашата фармацевтска индустрија и граѓанското општество во Системот за обезбедување на неопходни лекови на Европската Унија.

„Ние ќе го испорачаме неопходното од наша страна. Тоа е наша обврска кон сопствениот народ. Тоа е брзиот пат за постигнување на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. До 2028 можеме да ги затвориме поглавјата од преговорите, секако, откако ќе ги завршиме уставните измени. А тоа ќе значи наше полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година. МК во ЕУ до 2030 – тоа е реално и остварливо!“, наведува Маричиќ.

Лидерите на Западен Балкан денеска во Тирана се на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

Слични содржини