Марка: Меси го сака Модриќ во Мајами, клубот на Бекам подготвен да плати милионска сума

од Марта Пешевска
89 прегледи

По вчерашната официјална објава дека Лука Модриќ ја завршува својата приказна во Реал Мадрид, веднаш започнаа шпекулации каде ќе продолжи неговата кариера. Според најновите информации, најреална дестинација за хрватскиот фудбалер е Северна Америка и тим од МЛС лигата.

Шпанскиот весник „Марка“ денес пренесе дека Интер Мајами, клубот кој го предводи поранешната фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам, е најблиску до договор со Модриќ. Во тимот веќе играат фудбалери како Луис Суарез, Жорди Алба и Лионел Меси, кои, според пишувањата, ја советувале управата да го доведе и Модриќ на една сезона.

„Марка“ тврди дека Интер Мајами е подготвен да му понуди плата од 2,5 милиони евра по сезона, што според сè изгледа дека му одговара на хрватскиот капитен. И други шпански медиуми, како „Мундо Депортиво“, потврдуваат дека Интер веќе почнал со преговори и наскоро се очекува официјален договор.

Последниот натпревар на Модриќ на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде веќе оваа сабота против Реал Сосиедад. Потоа, тој ќе игра за Реал Мадрид на Светското клупско првенство кое ќе се одржи во САД, по што многу веројатно ќе се пресели во МЛС и ќе го продолжи својот фудбалски пат на американскиот континент.