На денешната седница во Собранието, пратениците ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите. Со него, трговците на мало (малите, средните и големите) се обврзуваат да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект.
Ваков закон за заштита на потрошувачи минатата недела беше донесен и во Хрватска, според кој трговците во Хрватска ќе бидат обврзани редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на сите нивни производи на нивните веб-страници и да овозможат непречен пристап до дигитални алатки кои ќе им даде на клиентите можност да ги споредуваат цените во реално време.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера констатира дека дел од ланците супермаркети „одлучуваат да водат политичка борба против политичка Влада“. Жали за таквата нивна одлука и вели дека не е добро.
-Тоа е нивен избор и не можам да го оправдам ниту да го осудам. Ова е демократска држава, со право на говор и секој што мисли дека треба да води легитимна борба, нека ја води. Доколку било кој има подобар предлог за подобрување на стандардот на граѓаните, подготвен сум да разговарам било кое време. Би сакал предлогот да биде концентриран. На последната средба имаше дифузна дискусија – од различни претставници на правни лица добивавме различни предлоги. Комората нека се состане и нека донесе предлог и да го видиме, да знаеме на која платформа понатаму би разговарале. Доколку е подобар и во насока на подобрување на стандардото, ќе го прифатиме – не сме најпаметните ниту највештите во целата работа, рече премиерот, нагласувајќи дека ќе продолжат контролите на ДПИ во маркетите и трговците.
Опозицијата критикува дека мнозинството одбило да ги поддржи предлозите за намалување или укинување на ДДВ-то на струјата и храната.
Владата неодамна одлучи да ја ограничи маржата и да замрзне цени на околу 1.000 производи со што тие треба да поевтинат за околу 10 насто.