Со ребалансот на Буџетот нови 76 милиони евра се обезбедени за идни антикризни мерки за справување со последиците од светската економска и енергетска криза, информира денеска пратеничката на СДСМ, Даниела Марковска.
Таа на прес-конференцијата истакна и дека за поддршка на земјоделството за да се поттикне зголемено домано производство, обезбедени се дополнителни 3,2 милијарди денари, односно 32 милиони евра.
-Со ребалансот обезбедивме средства за исплата на зголемени плати во образованието и детската заштита како и за повисоки пензии од септември за над 320.000 пензионери. Овој ребаланс на Буџетот на дело ја потврдува заложбата на СДСМ за стабилна и развојна економија но и за повеќе пари во секое семејство, оценува Марковска.
Пратеничката порача дека во година полна со економски, енергетски и здравствени предизвици Владата предводена од СДСМ покажува капацитет во справувањето со последиците и вистинска грижа за сите граѓани.