Во име на сите мајки, татковци и семејства кои ги загубија своите најмили во трагедијата во Кабарето „Пулс“ на 16 март, сакаме да ве известиме дека оваа сабота, 2 август 2025, нема да го одржиме редовниот „Марш за ангелите“, информираат организаторите преку соопштение.
Одлуката е донесена од почит кон државниот празник Илинден – ден посветен на борбата за слобода, достоинство и национално сеќавање.
„Илинден е ден што заслужува тишина и почит. Вистинска слобода има само кога постои и правда – особено за невините“, стои во писмото до јавноста потпишано од родителите. „Иако овој викенд нема да излеземе на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Ќе продолжиме следната сабота – посветени, обединети и гласни – во името на сите неправедно одземени“, велат родителите преку соопштение.
„Маршот за ангелите“ се одржува секоја сабота од трагедијата на 16 март и стана симбол на упорноста со која семејствата бараат одговорност од институциите.