МАСАКР во Мјанмар: Војската отвори оган врз училиште, убиени деца! (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska
239 прегледи

Најмалку шест деца загинаа, а 17 се ранети кога воени хеликоптери пукаа врз училиште во Мјанмар за кое верувале дека е засолниште на бунтовниците.

Мјанмар е зафатен од насилство откако војската ја собори избраната влада на почетокот на минатата година. Оттогаш ширум земјата се појавија опозициски движења, некои вооружени, на кои војската се спротивстави со смртоносна сила.

„Ројтерс“ јавува дека не можеле самостојно да ги потврдат деталите за хоророт што се случил во селото Лет Џет Коне во централниот регион Сагаинг.

Според извештаите на локалните медиуми, воени хеликоптери отвориле оган врз училиште лоцирано во будистички манастир во селото. Некои деца биле убиени на лице место, додека други починале откако војниците влегле во селото, се вели во извештаите.

Двајца жители, кои одбија да бидат идентификувани од безбедносни причини, рекоа дека телата подоцна војската ги пренела во град оддалечен 11 километри и ги закопала.

Во соопштението, војската рече дека Армијата за независност Качин, бунтовничка група и Силите за народна одбрана (ПДФ), чадор организација на вооружени герилци кои хунтата ги нарекува „терористи“, се кријат во манастирот и го користат селото за транспорт на оружје во областа.

Безбедносните сили испратени со хеликоптер извршиле „изненадна проверка“ и ги нападнале.

Се вели дека безбедносните сили реагирале и дека некои селани биле убиени во судирот, додека ранетите биле префрлени во јавните болници на лекување. Во соопштението се обвинуваат вооружените групи дека користат цивили како жив штит и се вели дека подоцна било запленето оружје, вклучително и 16 рачно изработени бомби.

Продемократската влада во сенка на Мјанмар, позната како Влада на национално единство (НУГ), ја обвини хунтата за „целни напади“ врз училиштата. НУГ, исто така, повика на ослободување на 20 ученици и наставници за кои рече дека биле уапсени по воздушните напади.

Слични содржини