Криминалните организации често прибегнуваат кон перење на пари за да го скријат потеклото на своите недозволени фондови. Целта е средствата да се појават легални и во исто време да ги дистанцираат криминалните групи од криминално гонење. Овие активности, исто така, се прават да им биде потешко на органите на прогонот да ја следат трагата на парите, соопштуваат од МВР.
„Мазгите за пренос на пари“ (Money Mules) се луѓе кои свесно, или во одредени случаи несвесно им помагаат на крминалните организации да ги исперат нивните недозволени финансиски средства. Тоа го прават со давање на своите банкарски сметки за да ги примат и префрлат измамничките средства и со тоа да ги „легитимираат“.
За да обрне внимание на оваа закана, ИНТЕРПОЛ ja лансира кампањата #YourAccountYourCrime (#ТвојаСметкаТвојКриминал), со цел да ја подигне свеста за „мазгите за пренос на пари“ и да даде совети како да се остане безбеден.
Како се регрутираат „мазгите“?
Криминалците ги регрутираат „мазгите“ на разни начини. Пример, некои лица се намамуваат со ветувања за финансиска добивка или добиваат провизија од нивните услуги. Во други случаи се мотивирани од доверба или се излажани преку онлајн измами. Други, пак, даваат поддршка, бидејќи веруваат дека се во романтична врска со индивидуата која им ја бара помошта.
#YourAccountYourCrime (#ТвојаСметкаТвојКриминал) кампањата се фокусира на четири главни начини на кои ги регрутираат ‘мазгите за пари’:
Измами со работа: Контактирани сте за нова работа без да аплицирате на некоја позиција, а притоа „работодавачот“ најчесто не ви дава детали за неговата компанија;
Романтични измами: Ве контактираат онлајн преку социјални медиуми или сајтови и апликации за врски;
Инвестициски измами: Добивате порака за големи и брзи враќања на инвестицијата на релативно лесен начин;
Измами со лажно претставување: Добивате пораки или јавувања од лица кои се преправаат дека се од брзи пошти или од владини институции кои ви бараат лични информации или информации за банкарската сметка;
Совети кои ќе ви помогнат да не станете жртва:
1. Бидете сомничави кон секого кој сака да ја искористи вашата банкарска сметка да добие или да испрати пари.
2. Никогаш не ги давајте вашите финансиски информации на некого на кого не му верувате.
3. Ако се сомневате дека ве имаат искористено како “мазга за пари’, прекинете ја комплетната комуникација и пријавете го случајот во вашата банка и на властите.
Кои се импликациите?
#YourAccountYourCrime (#ТвојаСметкаТвојКриминал) кампањата го потенцира фактот дека можете да се соочите со обвинение ако станете ‘мазга за пари’. „Ако ја користите вашата сметка, тоа може да стане и ваш криминал.“
Тоа значи дека може да ве пронајдат како учесник во шема за перење на пари дури и да не сте биле свесни на кој начин е искористена вашата банкарска сметка.