MД „Илинден“ – Тирана бара изземање на Пустец од планот за отворање на мигрантски центри

Македонското друштво бара од општина Пустец да побара од Владата стопирање на мигрантските центри

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма

Македонското друштво “Илинден“-Тирана остро се спротивставува на отворањето мигрантски центри на територијата на општина Пустец. Сметаат дека ваквата одлука е донесена без претходна консултација со локалното население, без организирање јавна расправа и без почитување на правата и интересите на Македонците кои живеат во општина Пустец.

-Апелираме до општина Пустец да побара од Владата итно отстранување на камповите за мигранти и да застане во заштита на интересите, безбедноста и иднината на своите граѓани. Македонското друштво “Илинден“-Тирана нема да молчи пред одлуки кои се носат на штета на автохтоното македонско население во општина Пустец и ќе продолжи јавно, доследно и одлучно да ги брани нивните права, велат од МД „Илинден-Тирана“.

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), партијата што ја претставува македонската заедница во Албанија, веќе поднела тужба до Управниот суд во Тирана против албанската влада поради одлуката за отворање три прифатни центри за мигранти на територијата на општина Пустец, каде живее македонско национално малцинство. Со тужбата се бара Пустец да биде изземен од државниот план, со образложение дека одлуката била донесена без консултација со локалната самоуправа и без јавна расправа.

Според информациите што ги објавија медиумите, центрите се предвидени во административната единица Зрноско, на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица. Од МАЕИ наведуваат дека планот произлегува од национален документ за контингенција за „мешани миграциски текови“ за периодот 2026–2028 година, со кој, во случај на криза, Албанија би формирала повеќе прифатни центри низ државата.