„Ме болеа солзите на моите деца кога ми раскажуваа како водата им однела сѐ“ – открива за „Локално“ наставничката Соња за природната катастрофа која се случи пред девет години

Наставничка за катастрофалните поплави во Стајковци и Сингелиќ пред 9 години: Насмевката е вратена кај децата од таа генерација, но сепак во нивната меморија овој датум вечно ќе остане

од Весна Петровска
1,8K прегледи

„6 август 2016 година.Тоа беше ден кога тишината на вечерта беше прекината од нешто што не можеше да се опише со зборови – силен дожд, невидена бура, вода која немаше милост. Иако поминаа девет години, сè уште јасно го паметам звукот на громовите што одекнуваа во ноќта во целиот скопски регион. Телевизиите постојано објавуваа новини како се одвивал дождот во крајот кај што јас работам, село Црешево, а притоа целото време треперев од страв дека нешто се случува, но воопшто не претпоставив дека тој ден е кобен за многумина граѓани кои се мои родители и деца кои се мои ученици. Следниот ден дознавме за плачот на децата, паниката кај возрасните, водата што доаѓала од сите страни – и за некои од нив не постоел начин и да се избега“ – вака го започна своето сведоштво за „Локално“, Соња Апостоловска – Трајковска за деветгодишнината од катастрофалните поплави во Гази Баба во кои загинаа 22 лица.

Апостоловска Трајковска, која е учителка во ПООУ „Наум Охридски“ -с. Црешево, најмногу од целата катастрофа ја погодиле децата кои морале да доживеат страшни работи.

– Она што најмногу ме погоди беа децата. Ученици кои ги учев тој ден научија што значи страв и загуба. Од моето одделение имаше една ученичка која ми раскажуваше како таа и нејзините родители цела ноќ се бореле со водената стихија и низ плач говореше за уништените работи во домот. Но, во тие моменти се појавила голема солидарност и храброст од сите мештани и заедно се бореле со водената стихија. Нешто што е човечно и совесно за сите а од голема хуманост за најпогодените. Девет години подоцна, не сакаме само да жалиме – туку да запомниме. Сеќавањето на поплавата е наша обврска. Заради оние што преживеаја, но останаа со трајни лузни – и надворешни и внатрешни. Денес, кога ги гледам моите ученици како растат, знам дека и покрај таа страшна ноќ, тие го имаат најважното – истрајност, емпатија и желба да направат подобро утре. Тоа е нашата најголема победа, рече нашата соговорничка и раскажа како училиштето веднаш се солидаризирало за нивните ученици и колеги.

– Јас како наставничка во Црешево тој ден го доживеав како човек кој одговорно стои пред генерации деца, нивни родители и колеги, на сите оние кои следното утро беа променети. Некои загубија сè: куќи, покуќнина, животни. Некои загубија најблиски. Нашето училиште организираше хуманитарна акција за собирање храна, вода, алишта, мебел за оние кои беа најпогодени во поплавата. На 1 септември учениците добија ранци со основен потребен училишен материјал. Психологот активно работеше со најранливите и преку работилници сите наставници активно придававме важност на психолошката состојба на учениците, истакна таа и додаде дека денес насмевката е вратена на овие генерации, но сепак во нивната меморија овој датум вечно ќе остане.

По природната катастрофа во скопските села, сцените биле апокалиптични

– Патот кој го поминував секојдневно низ населбите Сингелиќ и Стајковци неколку месеци беше блокиран и моравме да минуваме низ обиколницата на автопат. Ужасна беше секојдевната слика на самиот автопат кој беше насочен двосмерно на едната страна од патот, бидејќи самата трагедија успеала да создаде чудо од планина од самиот асфалтен дел. Насекаде се гледаше расфрлани гранки, тиња, кал, разурнати растенија, речиси целиот еко систем во почвата во околијата беше уништен, раскажа Апостоловска Трајковска.

На тој кобен ден за 24 часа во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Местата станаа села на солидарноста, во тие тешки моменти граѓаните од цела држава координирани од Црвениот крст, кризниот штаб и надлежните институции, се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите, а 8 август беше прогласен за Ден на жалост.

Загинатите во невремето беа од селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Голем дел загинаа на скопската обиколница, а некои од нив останаа заробени во домовите од надојдената вода и се удавија, не можејќи да излезат.

Наредната година, кога ќе бидат одбележани 50 години од постоењето на Општина Гази Баба, но и 10 години од трагичните поплави, ќе биде поставена спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит. Ова вчера го најави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, сеќавајќи се на овој трагичен настан.

В.П.