Мециновиќ: Многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг

Народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува дека може да се дојде до вистинска промена.

од Vladimir Zorba
23 прегледи

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, во телевизиски дуел со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од Локалните избори 2025, истакнувајќи дека таа произлегува од недовербата во политички промени.

-Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат – не можат да ја сменат судбината, рече Мециновиќ.

Тој додаде дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува дека може да се дојде до вистинска промена. Според него, вториот круг од изборите отвора нова политичка реалност во Македонија.

-Сега имаме други околности, втор круг каде што има натпревар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и сметам дека со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг, изјави тој.

При претставувањето тој кажа дека студирал на политички студии, потврдувајќи дека нема дипломирано, дека работел различни работи, меѓу другото и фриленсер. Како член на Левица станал општински советник, а потоа и пратеник.